Роберто Баџо ја доби најпрестижната награда во светот на фудбалот, доминираше на фудбалските терени во 90-тите години на минатиот век и важи за релевантна личност кога се зборува за најдобриот играч на сите времиња.
Баџо имаше одлична кариера и денес би можел да биде прогласен за најдобар играч доколку немаше толкав голем број на повреди.
Да ги имаше познатиот Il Divino codino (божјо репче) условите кои ги имаат денешните фудбалери, неговата кариера сигурно ќе беше подолга и секако поуспешна.
Во своите најдобри години играше под максимумот поради проблемите со коленото, а како тинејџер се здоби со тешка повреда поради која мислеше дека се е готово за него, но не се откажа.
За него 1993 година беше најдобрата година во кариерата бидејќи ја освои „Златната топка“, а неколку месеци подоцна, кон средината на 1994 година, му се случи најголемата можна фудбалска трагедија – промашен пенал во финалето на Светското првенство.
Играше за Јувентус, Милан, Интер и го сакаа сите, особено фудбалските романтичари бидејќи во последните години од кариерата правеше чуда играјќи за Бреша.
Иако денес се зборува за Лионел Меси како најдобар играч во историјата на фудбалот, Баџо има поинакво мислење по ова прашање.
Легендарниот Италијанец во една прилика изјави дека не видел подобар играч од славниот Роналдо Назарио да Лима, со кој ја делеше соблекувалната во дресот на Интер.
-Роналдо? Мама мија, каков играч беше тоа. Такво нешто не сум видел во животот. Вино за иднина. Тој играше фудбал со техника и брзина пред своето време. Го видов како прави незамисливи работи. Работи што никој никогаш не ги направил или не помислил да ги направи. Тој беше единствен“, изјави Баџо.
На некој начин им беа вкрстени патиштата на судбината бидејќи ја имаа истата несреќа, а тоа е што се опоравуваа од тешките повреди во погрешно време.
Како што е познато, Роналдо имаше големи проблеми со колената. Знаеше да паузира и до една година, па кариерата му се сведе на три-четири врвни сезони.
Сепак, и тоа беше доволно да остави неизбришлива трага, па многу љубители на фудбалот го сметаат за најдобар играч на сите времиња, исто како и Баџо.
Интересно, Роналдо и Баџо успеаја да ја освојат „Златната топка“, но не и Лигата на шампионите. Роналдо двапати беше светски шампион, првиот пат во 1994 година кога Баџо промаши, а вториот пат во 2002 година, по што почна неговиот постепен пад.
По завршувањето на кариерата, тие одлучија да не се занимаваат со тренерска работа. Роналдо се сврте кон приватниот бизнис и инвестициите во фудбалските клубови, а Баџо живее на својот имот и не се појавува премногу во јавноста.