Малолетник извршил свирепо убиство, застрелувајќи го кучето Рекс со огнено оружје, во струмичкото село Муртино. За овој случај реагираа од „Анимал лаверс“ од Струмица.
Тие нагласуваат дека и полицијата потврдила за случката и дека случајот веќе му е предаден на Јавното обвинителство.
– Овој настан отвора сериозни прашања за безбедноста во општеството. Како е возможно малолетник да поседува и да ракува со огнено оружје? Дали во семејството на сторителот децата се учат да користат оружје? Дали надлежните институции ќе дозволат да помине ова злосторство неказнето? И каква порака испраќаме до идните генерации доколку останат ваквите случаи без соодветна правна разрешница? – прашуваат од граѓанската организација.
Тие очекуваат од надлежните органи итно да одговорат
дали некој од семејството на малолетникот поседува дозвола за оружје, кој вид оружје е користен во овој случај, дали е одземено оружјето и дали ќе следуваат санкции за негово незаконско поседување.
Од „Анимал лаверс“ бараат најстрога примена на законите за заштита на животните, одговорност од малолетникот и неговите родители, како и итна контрола и санкции за незаконско поседување оружје.
– Научните истражувања покажуваат дека насилството врз животни често претставува индикатор за идно насилничко однесување, вклучително и криминални дејства кон луѓето. Не смееме да дозволиме да останат ваквите инциденти без последици – децидни се од граѓанската организација.
Тие ги повикуваат сите граѓани да се подигне свеста и да бараат правда за Рекс.
– Ова не е само прашање на заштита на животните туку и на безбедноста на целото општество – заклучија од „Анимал лаверс“.
(А. П.)