Следниот Бундестаг поради минатогодишната реформа ќе има околу стотина пратеници помалку, со што на државниот буџет ќе се заштедат 125 милиони евра, процени Институтот за германска економија.
Според новиот закон, бројот на места во Претставничкиот дом на Германија е ограничен на 630, по рекордните 736 во последните три и пол години, пренесува dpa.
Во последните години, Бундестагот се зголеми за да ги собере сите членови, избрани според пропорционален систем и директно во нивните изборни единици.
Германците заокружуваат два броја на своето гласачко ливче – еден за партијата и еден за локалниот кандидат, кој не мора да е од партијата за која гласал гласачот.
Анализата на институтот укажува дека заштедата е мала во однос на германскиот буџет и дека нема значително да придонесат за решавање на проблемот со јавните финансии, но се додава дека не треба да се потценува симболичното значење на заштедата.