Мала бугарска партија доби мандат за формирање влада: Ако не успее, земјата ќе оди на седмите парламентарни избори од 2021.

202

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска и додели мандат за формирање влада на малата партија „Има таков народ“ (ИТН), која на минатомесечните парламентарни избори го зазеде шестото место.

Се чини малку веројатно дека партијата ИТН ќе успее да формира владина коалиција по неуспехот на двете големи партии, ГЕРБ, која е десноцентристичка партија на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, и реформистичката „Продолжуваме да се менуваме“ (ПП), објави Ројтерс.

Доколку и овој обид за формирање влада не успее, Бугарија ќе мора да ги организира седмите парламентарни избори од 2021 година.

ИТН, која на изборите на 8 јуни освои само 16 пратенички места од вкупно 240 пратеници, нема да има временско ограничување за обидот да формира нова влада.

Лидерот на пратеничката група на ИТН, Тошко Јораднов, рече дека ќе разговара со сите парламентарни партии, како и со независните пратеници и дека преговарачкиот процес ќе биде исклучително транспарентен.

ГЕРБ освои најмногу мандати на јунските избори – 68, додека ПП обезбеди 39.
Бугарија, најсиромашната членка на ЕУ и една од нејзините најкорумпирани држави, се бореше со честите промени на власта по масовните антикорупциски протести во 2020 година.

Оттогаш се одржани пет избори, по кои се формираа коалиции кои брзо се распаднаа, потсетува британската агенција.