Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, бара плата од 300.000 денари за да се вратат на работа пензионираните пилоти за да може да се исполни условот за работа на авионите за гаснење пожари (ер трактори). Тој појаснува дека, според Европската асоцијација за цивилно воздухопловство (ЕАСА), за да може да се извршуваат летови, потребни се минимум тројца пилоти, односно Дирекцијата за заштита и спасување не смее да извршува задачи со еден пилот, односно мора да има уште минимум двајца пилоти.

Од тројца пилоти со кои располагаше, Дирекцијата за заштита и спасување оваа година остана само со еден, откако двајца исполнија услови за старосна пензија. Сега се бара тие да се вратат назад на работа, но за нив се бара плата во висина што ја примаат пилотите кои го пилотираат владиниот авион. Според него, работното место пилот во ДЗС со плата од 72. 000 денари е неатрактивно и затоа посочува дека е потребно порамнување на платите на државно ниво.

– За нив бараме дополнителни средства колку што се плаќаат пилотите на Владата, кои го летаат владиниот авион, тоа значи 300.000 денари. Треба да има синхронизација, односно порамнување на платите на ниво на државата, затоа што тие навистина летаат многу помалку од нашиве и се многу побезбедни. Исто така и пилотите вработени во МВР, кои имаат максимум 50 часа на годишно ниво, доколку пилотите во ДЗС имаат од 150 до 300 часа – вели Максути за МИА.

Максути вели, заклучокот на минатата Влада бил Дирекцијата да го реши овој проблем во рамките на своите законски надлежности.

– Законските надлежности се јасни. Јас не смеам да примам пилот со плата поголема од пропишаната, односно сè што е над 60.000 денари мора да оди преку согласност од Министерството за финансии. Таквата согласност ние не можеме да ја добиеме, не поради тоа што немаше слух Владата туку поради законските пречки – рече Максути.

Според него, примањето пилоти не значи дека тие по автоматизам ќе можат да управуваат со „ер трактор“ авионите на ДЗС, туку треба да се упатат на дообучување во Шпанија или во друга земја овластена од производителот.

– Авионите модел „ер трактор“, кои се користат во ДЗС, важат за најкомплицираните за управување, бидејќи се потребни вештини и дообука, која има строги критериуми и затоа не може секој пилот да добие сертификат.

Од петмина пилоти што биле примени изминативе неколку години во Дирекцијата, само еден успеал да ја заврши дообуката и да добие сертификат за управување со „ер трактор“ – потенцира Максути.

Минатата година, во борбата со пожарите, првпат по 2009 година, беа ангажирани сите три авиони на ДЗС. Максути изјави за весникот ВЕЧЕР дека два од трите авиони се пратени на сервисирање, останат е само еден оперативен авион.

– ДЗС ги има преземено сите неопходни активности и подготовки со тоа што двата авиона се испратени на сервисирање и едниот ќе се врати кон крајот на наредна година, а другиот по него, за кратко време, додека со третиот авион и сега даваме дежурства во случај на потреба, затоа што неговите ресурси истекуваат кон крајот на сезоната – вели Максути за весникот ВЕЧЕР.

Во врска со справувањето со пожарите во летниот период, Максути вели дека Дирекцијата ги има направено сите подготовки.

– Другите подготовки ние ги имаме направено како што треба, во однос на тимовите, доброволните друштва, во однос на дополнителната опрема, која е поделена. Оваа година ја имавме најголемата вежба за противпожари на отворено, каде што учествуваа 16 земји. Значи, вежбата беше организирана под покровителство на Европската Унија, каде што добивме опрема за еден модул, за една екипа од 25 луѓе со целата опрема да можат да интервенираат во шумските пожари. Но, секако, ни останува делот околу ангажманот на пилотите и да видиме, целосно да можеме да одговориме на сите можни предизвици што би ги имале во текот на сезоната. Како што гледате, веќе имаме доста високи температури и можни се пожари – рече Максути.

(С.Бл.)