И додека народните избраници најавуваат дека ќе ја заострат казнената политика преку измени на законите што го регулираат сообраќајот, Обвинителството ја води истрагата за кобната несреќа во која загина 22- годишната Фросина Кулакова по постојните. И не е веќе толку важно која власт ги намалувала казните во Законот за безбедност во сообраќајот колку што е важно дали институциите брзо ќе ја испорачаат бараната правда од семејството и од младите што протестираат по скопските булевари. Споменувајќи ја неодамнешната пресуда од 20 години казна затвор во Босна, за сличен случај како несреќата со младата Фросина, обвинителот Гаврил Бубевски, кој раководи со скопското Обвинителство, во интервју за телевизија „Телма“, ја најави казната што ќе ја бара Обвинителството од Судот за возачот, а тоа е максималната предвидена за кривичното дело што го сторил со умисла.
– Овде умислата се подразбира, затоа што за да постои умисла, треба сторителот со своите дејства да е свесен за своите дејства или за своите недејства што бил должен да ги преземе, но се согласил со последицата. Овде многу лесно може да се заклучи дека возењето под дејство на алкохол, возењето со брзина што е поголема од дозволената е предмет на вештачење, но и со другите факти, веќе умислата е издефинирана. Затоа што стигнуваш на пешачки премин, каде што е црвено и тука веќе се согласуваш со последицата што може да настане. И тука веќе нема место за друга правна квалификација во однос на овој дел – изјави Бубевски.
Точната брзината со која возел 20-годишниот Васил Јованов ќе се утврдува со експертско вештачење. Првично, по направениот увид на местото на несреќата и по ударот во жртвата, се претпоставува дека е далеку над дозволената. Но, тоа не било прв пат Јованов да вози под дејство на алкохол и без возачка дозвола. Претходно, како што објави ОЈО, неговата несовесност предизвикала несреќа на наредните семафори од последната кај Универзална, во која со повреди завршила една жена, а случајот не завршил во судница бидејќи се решил со спогодба. Токму прашањето зошто му дозволувале неговите родители и натаму да го вози автомобилот на име на својот татко, и тоа без дозвола, треба да се истражува. Обвинителот Бубевски најави проширување на истрагата и за родителите и докажување евентуално кривично дело предизвикување на општа опасност.
Во меѓувреме, кривичното поведение што било евидентирано од правосудните органи, а по реакциите од јавноста за селективно постапување, го разгледува Судскиот совет.
– Започнавме со разгледување на случаите, а утре и формално ќе биде формирана комисија од страна на Судскиот совет и по извршениот увид во сите тие списи, ќе излеземе со став дали имало пропуст или немало. Ќе бидат разгледани сите забелешки што беа изнесени во јавноста и ќе се постапува по сите нив – изјави Камбовски.
Кривичниот суд пак денеска преку соопштение застана зад пресудата на судијката Даниела Алексова Стојановска и изречената мерка Васил Јованов поради трговија со дрога, иако е полнолетен, да оди во поправен дом. Судиите сметаат дека таа се водела по Законот и ја повикаа јавноста да не подлегнува на провокации и лажни вести бидејќи се работело за јавен линч на судијката за други цели.
-Прашање е дали доколку била изречена и казна затвор, мерката притвор ќе можела да опстои пред повисоките судски инстанци имајќи ја предвид досегашната судска пракса, препораките од Судот за човекови права во Стразбур и постојани критики на Меѓународната заедница дека мерката притвор не смее да се користи како казна. Дотолку повеќе што и при укинување на мерката притвор, Јавниот обвинител не вложил жалба на притворот туку вложил само на кривичната санкција.
Понатаму судот го објавува завршниот збор на обвинителот пред пресудата за Јованов во која кажал дека
-Обвинетиот е многу млад и до сега не бил во судир со законот, па во овој комплексен предмет најмногу заради возраста на обвинетиот и фактот што потекнува од современо функционално семејство, на судот му останува задачата да определи најдобра санкција, со која ќе му се влијае на обвинетиот да сфати дека преземал противправни дејствија.
Претходно ОЈО го објави целото криминално поводение на возачот, за што пак судот тврди дека во нивната казнена евиденција не постои.
Протести за правда за Фросина најави нејзиниот татко, Тодор Кулаков. Тој побара доживотен затвор за возачот Ваисл Јованов и одговорност од родителите.
– Кога ќе се земе кумулативно, и преку 40 години казна доаѓаат. Немал право да го вози автомобилот без возачка дозвола, поминувал на црвено, возел под дејство на алкохол, со трипати поголема брзина од дозволената. Ние ги живееме последиците од тоа. Ниту тој ниту родителите немаат зрно каење туку само гледаат како да се заврши работата и овој пат – изјави таткото на Фросина во медиумите.
Протести под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“ се најавени за в сабота во 14:00 часот, во родното Неготино на младата студентка по моден дизајн.
– Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите што се случуваат секојдневно на нашите улици. Овој протест е повик за промени, порака дека е доста со жртви во сообраќајот. Маршираме за Фросина, за Викторија, за сите што го загубија животот поради несовесни возачи и нефункционални институции – се наведува во повикот за учество. (П.А.)