Холанѓанецот Макс Верстапен и Ред бул доминираа во Формула 1 во последните сезони, освојувајќи четири последователни титули, но сезонава, барем според почетните две трки, се далеку од одбрана на титулата.
Токму поради тоа, многумина го гледаат Верстапен во друг тим веќе од наредната сезона, а сега за тоа проговори и советникот на Ред бул, Кристијан Хорнер.
Прв што отворено призна дека би сакал да го доведе Холанѓанецот е Тото Волф од Мерцедес. Претходно оваа година се појавија информации дека Астон Мартин планира да понуди дури милијарда фунти за да го доведе Верстапен во своите редови, па поради тоа се отвори дебата меѓу главните луѓе во тимовите.
Во текот на викендот во Кина, Хелмут Марко беше прашан за тврдењата на Зак Браун дека Верстапен ќе го напушти Ред бул на крајот од годината.
Браун верува дека актуелниот шампион ќе вози за Мерцедес од 2026 година. Коментирајќи ги овие наводи, Марко даде изјава за „Скај Германија.
- Макс сака болид што секогаш може да победува. Секогаш има клаузули за перформансите, и ако не можеме да го исполниме тоа, ќе биде тешко. Сè уште сме на почеток на сезоната, не е толку мрачно како што би сакал да прикаже – истакна Марко.
Кристијан Хорнер не остана рамнодушен на тврдењата на Браун. Тој потсети дека Браун претходно контактирал со тимот на Верстапен додека преговарал со Оскар Пјастри.
- Тој, наводно, му се јавил на еден од нашите возачи минатата недела. Ако сте толку задоволни со вашите возачи, зошто би повикале друг? Искрено, мислам дека ова е само празен разговор. Не им обрнуваме премногу внимание на таквите работи, фокусирани сме на нашата работа – заклучи Хорнер.