Новите правила на ФИА предвидуваат казна од 40.000 евра за употреба на пцости, додека повторените прекршувања може да резултираат и со забрана на трки, како и одземање на бодови. Возач кој ќе го прекрши правилото три пати во две години би добил и суспензија од две трки, што може да има сериозни последици во трката за титулата.

Верстапен беше еден од првите што се најде на удар на ФИА за употреба на пцости на прес-конференција во Сингапур. Иронично, сето тоа се случи истиот ден кога претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулејем, го изрази своето незадоволство поради пцуењето на јавните настапи на возачите.

Холанѓанецот смета дека ФИА претера со новите правила и дека треба да го насочи својот фокус на поважни работи.

  • Искрено, мислам дека ова не е неопходно. Треба да користиме здрав разум и да се фокусираме на безбедноста и перформансите на болидот, а не на вакви работи, изјави Верстапен за „RacingNews365“.

Тој е свесен дека новите правила би можело да имаат сериозни последици за возачите кои се натпреваруваат за титулата.

  • Ако добиете забрана за две трки, тоа е крај на шампионатот. Мислам дека ова е премногу, заклучи Верстапен.

На прашањето дали разговарал за ова со Бен Сулејем, тој одговори дека не, но нагласи дека секогаш ќе го кажува своето мислење.

  • Ова е комплицирана тема, но мислам дека не требаше да се оди толку далеку. Правилата се премногу ригорозни, изјави актуелниот шампион во Формула 1.

Останува да се види дали ФИА ќе потклекне на притисокот од возачите или ќе се придржува до новите, строги санкции.

ИЗДВОЕНИ