Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, истакна дека тимот е уверен дека ги направиле вистинските промени во болидот за претстојната сезона во Формула 1, во која ќе се обидат да ја освојат петтата последователна шампионска титула.

Верстапен ја освои титулата минатата сезона, пред сè благодарение на добрите резултати во првиот дел од сезоната, пред Мекларен да се засили, да се израмни со Ред Бул и да ја освои титулата кај конструкторите.

  • Развојниот правец што го развивме тогаш ветуваше многу, но, за жал, не функционираше така на патеката, па моравме да промениме неколку работи. Сега да се надеваме дека тоа е добра насока. Убедени сме дека е вистинската насока, но ќе видиме колку можеме да извлечеме од неа за последната сезона со овој болид, порача Верстапен, а сподели „Би-би-си“.

Новиот болид RB21 ќе биде на патеката за првпат во Бахреин за потребите на снимањата, пред почетокот на тридневното официјално претсезонско тестирање на истата патека.

Ред Бул објави официјални фотографии од болидот, но тие се направени во студио при слаба осветленост, па важните аеродинамички детали останаа нејасни.

  • Мотивиран сум. Минатата година не беше лесна, но ја освоивме титулата. Многу сум возбуден и се надевам дека ќе го подобриме болидот, а тоа е мотивација само по себе, додаде Верстапен.

Тоа ќе биде првпат од 2005 година Ред Бул да влезе во сезоната без главниот дизајнер Адријан Њуи, кој ќе работи во Астон Мартин.

Верстапен оваа сезона има нов тимски колега, Лиам Лосон, откако Серхио Перез го напушти тимот по слабите резултати.

  • Целта на тимот е да ја освои титулата кај конструкторите, тие не успеаја да го направат тоа минатата година и тоа е јасна цел оваа година. Правиме сè од себе за да го изградиме болидот што е можно побрзо и ако сме во позиција да се бориме за титулата кај конструкторите, тогаш јас ќе си ја работам мојата работа, порача Лосон.

Шампионатот ќе започне на 16 март со трката за ГН на Австралија во Мелбурн.

ИЗДВОЕНИ