Францускиот претседател Емануел Макрон денес по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Рим објави дека Украина е подготвена за безусловно примирје.
Во објава на мрежата X, тој рече дека завршувањето на војната во Украина е цел што ја делат со американскиот претседател Доналд Трамп и дека Киев сака да соработува со Европа и САД за да постигне прекин на огнот.
„Сега е до претседателот Путин да докаже дека навистина сака мир. Ќе продолжиме со нашата работа во рамките на коалицијата на добронамерните, започната во Париз минатиот март, за да постигнеме и ова примирје и целосен и траен мир во Украина“, рече Макрон.
Зеленски се сретна и со Трамп и британскиот премиер Кир Стармер, кои беа во Рим за да присуствуваат на погребот на папата Франциск, а Елисејската палата објави дека средбите поминале позитивно, пренесува Танјуг.