Макрон и нуди француски нуклеарен чадор на ЕУ: „Руската закана е тука и не познава граници“

321
EPA-EFE/LUDOVIC MARIN

Париз е отворен за разговори за проширување на францускиот нуклеарен чадор кон своите европски партнери, рече францускиот претседател Емануел Макрон во синоќешното обраќањето до нацијата, во кое предупреди дека Русија е закана за цела Европа, пренесува Ројтерс, потсетувајќи дека Франција и Обединетото Кралство се единствените две нуклеарни сили во Европа.

Во својот телевизиски говор во средата навечер, Макрон исто така рече дека Франција ќе мора да троши повеќе за одбраната и ќе продолжи да и помага на Украина. Тој призна дека постои јавна загриженост за Русија и промената на меѓународниот поредок од страна на новата американска администрација.

„Вие, знам, со право сте загрижени за актуелните настани што го нарушуваат светскиот поредок“, рече Макрон. Руската закана постои и влијае на нас, и таа не познава граници“, рече тој, додавајќи дека „да се гледа и да не се прави ништо би било лудост“.

Европските земји се обидуваат да ги зголемат трошоците за одбрана и да ја задржат поддршката за Украина, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја замрзна американската воена помош за Киев и ги подгреа сомнежите за преданоста на Вашингтон кон своите европски сојузници во НАТО.

Истакнувајќи дека Франција има уникатно место во Европа благодарение на нејзината способност за нуклеарно одвраќање, Макрон рече дека е отворен да разговара за проширување на таа заштита на европските сојузници. Тој додаде дека конечната одлука за нуклеарното оружје ќе остане во рацете на францускиот претседател.

Нуклеарното одвраќање на Франција се заснова на воздух и море, со борбени авиони Рафал и нуклеарни подморници кои можат да извршат напад во секое време, само по инструкции на францускиот лидер.

Во раните денови на Студената војна, поранешниот претседател Шарл де Гол разви нуклеарно одвраќање кое беше дизајнирано да биде целосно независно од двете доминантни сили од тоа време, Советскиот Сојуз и САД.

ИЗДВОЕНИ