Македонската ракометна репрезентација ќе брка негатива од седум погодоци во дуелот против Фарски Острови (34:27), денеска од 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“, за пласман на Светското првенство што следната година ќе се одржи во Хрватска, Норвешка и Данска.

Како што вели и самиот селектор Кирил Лазаров, тој со своите пулени ќе се обиде да ја анулира негативата и повторно да се пласира на големиот ракометен собир.

  • Фарски Острови беше подобар противник на првиот натпревар и заслужено победи. Нивниот напад беше технички скоро перфектен, иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи поминуваа. Нема да губиме надеж и ќе веруваме до крај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анулираме негативата од седум гола. За мечот в недела ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш до сега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход, истакна селекторот на Македонија.

Инаку, Фарски Острови, нација од 50.000 жители (за споредба – Општина Аеродром има околу 80.000 жители), која всушност е автономна покраина во рамките на Данска, за првпат во својата историја во јануари оваа година играше на Европското првенство во ракомет. Беа пријатно изненадување и одиграа нерешено со моќната Норвешка, а тесно загубија од Словенија и од Полска.

За мечот во недела, нашите репрезентативци ќе мора да обрнат посебно внимание на нивното ѕвездено дуо – Елиас Елефсен и Скипаготу.

За да се пласира нашата селекција на СП ќе мора да победи со повеќе од седум голови или точно седум доколку Фарски Острови не постигне над 26 погодоци.