Македонското прашање ќе се решава на сите фронтови – време е ЕУ да ги исполни ветувањата!

Време е ЕУ да ги исполни дадените ветувања, како што кандидатите за членство ги исполнуваат своите, порача претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Претседателката на ЕК, пак, Урсула фон дер Лајен, рече дека во геополитички променет свет ЕУ мора да промени некои работи за да ги одбрани своите вредности. Во исто време, премиерот Христијан Мицкоски од САД најави: Борба за решавање на македонското прашање на сите фронтови. „Ќе треба да победуваме и тука во Вашингтон и во Њујорк, и во Брисел, и во Берлин и во Лондон, и во Париз, и во Рим и во други светски метрополи, ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои, рече Мицкоски

164

Борба за решавање на македонското прашање на сите фронтови најави премиерот Христијан Мицкоски од САД, додека во исто време и од ЕУ пристигаат пораки дека е време Унијата да ги исполни дадените ветувања, како што кандидатите за членство ги исполнуваат своите и дека во геополитички променет свет, ЕУ мора да промени некои работи за да ги одбрани своите вредности. По присуството на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и големиот број средби со високи претставници на новата американска администрација, како и со бизнисмени, новинари и други влијателни личности, премиерот Мицкоски присуствуваше на одбележувањето на 30-годишниот јубилеј од постоењето на црквата „Свети Никола“ во Њу Џерси, каде што присуствуваа и многубројни македонски иселеници. Во своето обраќање, тој истакна дека овие седум месеци откако е избрана Владата, таа ја води борбата дома за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија и дека таа борба ќе продолжи и нема да запре.

-Но, таа борба за македонскиот народ се плашам дека не е доволна, дека ќе треба да победуваме и тука во Вашингтон и во Њујорк и во Брисел, и во Берлин и во Лондон, и во Париз, и во Рим и во други светски метрополи, ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои. Затоа е многу важно оваа врска што ја има татковината со Македонците надвор од татковината да продолжи да функционира да се засили, да биде уште посилна. Како Влада сме определени да ја градиме нашата релација со македонската дијаспора. Врската мора да ја засилуваме и таа да биде силна. Не смееме да дозволиме нашата дијаспора да биде разочарана затоа што македонските политички елити не успеваат, таа врска да ја негуваат и одржат, истакнал премиерот Мицкоски, соопштија од владината прес-служба.

Премиерот преку социјалните мрежи порача дека многу е важна врската што ја има татковината со Македонците надвор, да продолжи да се засили да биде уште посилна и да биде на повисоко ниво.

-Затоа сакам да ве убедам и покрај сите предизвици дома и покрај сите предатори кои не сакаат Македонија да биде успешна и да успее и внатрешни и надворешни, оваа Влада, оваа генерација ќе ги потврди илинденските идеали и ќе го продолжи делото на илинденците за суверена, независна и демократска Македонија којашто ќе биде најбогата на Балканот, напиша Мицкоски на својот профил на „Фејсбук“.

Според него, нема посилна потврда од македонскиот идентитет ако има повеќе Македончиња, без разлика дали тие се родени во Македонија или надвор од Македонија, бидејќи на тој начин се брани нацијата и македонскиот идентитет, со потомство и негување на обичаите, кои се нераскинлив дел од македонскиот идентитет.

Токму борбата за заштита на идентитетот изминатите децении е „гревот“ што не дозволува земјава да се приклучи на европското семејство, каде што припаѓа. Дополнителните билатерални барања за Македонија, надвор од копенхашките критериуми и понатаму го одолговлекуваат одамна заслуженото место во Брисел. Иако и сега, официјално Унијата цврсто опстојува на барањето за уставни измени за земјава да може да го отвори првото поглавје, поради новиот геополитички момент, од европските лидери пристигаат и пораки дека дојде времето и ЕУ да ги исполни дадените ветувања, како што кандидатите за членство ги исполнуваат своите.

Ваков став има и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој во обраќањето пред европратениците на дебатата во Европскиот парламент, посветена на резултатите од декемврискиот Самит на ЕУ, рече дека Европската Унија е целосно посветена на нејзиното проширување, како најголема геополитичка инвестиција за мир и безбедност за народите и „нашиот континент“.

– Шесте земји од Западниот Балкан, Украина и Молдавија работат напорно за да ги исполнат своите обврски. Нема сомнеж дека иднината на овие земји е во нашата Унија. Време е да ги исполниме нашите ветувања, како што тие ги исполнуваат своите, порача Кошта.

Во своето обраќање на истата дебата, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен порача дека во геополитички променет свет ЕУ мора да промени некои работи за да ги одбрани своите вредности.

-Првите три недели од 2025 година се показател за промената во глобалната политика и влеговме во нова ера на сурова геостратешка конкуренција, каде што имаме работа со сили со големина на континент, кои се ангажираат меѓу себе главно врз основа на интереси. Оваа нова динамика сè повеќе ќе доминира во односите меѓу глобалните актери. Правилата за ангажман се менуваат. Можеби на некои во Европа не им се допаѓа оваа нова реалност, но ние мора да се справиме со неа. Нашите вредности не се менуваат. Но, за да ги одбраниме, мора да се променат некои работи, рече Фон дер Лајен и додаде дека за да ги заштити своите интереси и вредности, ЕУ мора да биде економски силна, па затоа следната недела Комисијата ќе го претстави новиот „Компас за конкурентност“. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ