Македонското градежништво е на крстопат – домашните фирми да добијат исти услови за работа како странските кои ни ја градат државата

137

Македонските градежни компании имаат големи потенцијали, но се слабо искористени од државата. Ако во 2015 година учеството на градежништвото во бруто-домашниот производ учествуваше со 7,1% и со 16,6 милијарди денари во капиталните инвестиции, минатата 2023 година имавме рекордно ниво на капитални инвестиции, а учеството во БДП изнесуваше само 5,5%. Ова покажува дека економскиот раст во општеството не го следи економскиот раст во градежништвото кое се наоѓа во стагнација.

Ова на денешната прес-конференција го истакна Андреа Серафимовски, претседател на Здружението за градежништво, индустрија за градежни материјали и неметали при Стопанската комора на Македонија. Тој пред медиумите ги кажа барањата кои членките на Здружението му ги предочиле на претседателот Бранко Азески со цел да добијат коморска поддршка во разговорите со новата влада и новиот министер за транспорт и врски.

– Македонското градежништво е на крстопат, но ако стратешките проекти им се даваат и на домашните компании, можеме да го решиме проблемот со кој се соочуваме, ќе добиеме додадена вредност и на тој начин ќе се подигне нашето учество во БДП. Во моментов градежните фирми се оставени сами на себе да ги креираат капацитетите, а од друга страна, гледајќи како странски конзорциуми ни ја градат државата и ни го одлеваат капиталот. Државата нив веднаш им ги решава проблемите, тие ги користат нашите административни процедури за да направат поголем профит, а кај нас, пак, постојано има одлив на кадар поради немање работа, ниски плати и слично – рече Серафимовски и посочи дека кај странските компании има до 96% реализација на капиталните инвестиции, а реализацијата кај домашните фирми е само 4%.

Тој посочи дека странските компании работат под други услови, не ја спроведуваат постапката за јавна набавка, туку добиваат со директни преговарања.

– За нив се менуваат пакет закони, а домашните компании ги имаат истите услови и се соочуваат со административно-правно кочници. Затоа побаравме од Комората да се заложи државата да ги изедначи условите за работа на странските со домашните компании, за да се обезбеди нивниот развој. За тоа говори податокот дека дури 89,4% од домашните компании се со 1 до 9 вработени, а само 0,14% од компаниите имаат околу 250 вработени. Доколку учеството на компании со 250 вработени се зголеми до 1%, тогаш учеството во растот на БДП ќе биде над 10%, а капиталните инвестиции би биле со двојна реализација – потенцира Серафимовски.  

– Сметаме дека при носењето одлуки за ангажирање на градежни фирми за стратешки проекти Комората треба да биде прашана и таа да го даде своето мислење за капацитетот на домашните компании. Да не ги користиме домашните компании само таму каде што е најтешко. Ние сме подготвени да работиме со институциите да се најдат решенија за поддршка на домашните градежни фирми – истакна Серафимовски.

(С.Бл.)