– Се одлучивме за класична закупнина без јавно-приватно партнерство, бидејќи за јавно-приватно партнерство ќе треба да се прави физибилити студија, а за тоа треба време. Сакаме овој комплекс што поскоро да заживее, како што беше претходно – изјави за весникот ВЕЧЕР Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи при Владата. Според него, до крајот на овој месец би се спровело електронско наддавање за издавање под закуп на комплексот, а во мај наредната година тој би почнал со работа
Владата има намера повторно да го заживее комплексот „Македонско село“, кој се наоѓа во Горно Нерези, спроти манастирот „Свети Пантелејмон“. Комплексот, кој содржи 12 автентични македонски куќи, е затворен од октомври 2018 година откако првите и последни концесионери на селото, компаниите „Тинекс“ и „Квинс“, се повлекоа од стопанисувањето поради економска неисплатливост.
Како што изјави Ивица Томовски, директор на владината Служба за општи и заеднички работи, сакаат да го направат тоа што е можно побрзо.
– Веќе сме во постапка. Поднесено е барање до Бирото за процена да направат процена на вредноста на комплексот. Последните информации од директорот на ова Биро се дека е направена процената и ја очекувам наскоро – изјави Томовски за весникот ВЕЧЕР.
Тој информираше дека се откажале од јавно-приватно партнерство, па овој пат комплексот ќе го дадат под закуп.
– Се одлучивме за класична закупнина без јавно-приватно партнерство, бидејќи за јавно-приватно партнерство ќе треба да се прави физибилити студија, а за тоа треба време. Сакаме овој комплекс што поскоро да заживее – наведе Томовски.
До крајот на овој месец би се спровело електронското наддавање за издавање под закуп на комплексот.
– Во договорот што ќе го потпишеме со закупувачот ќе се предвиди комплексот да започне со работа во мај наредната година. Периодот од јануари до мај е оставен за да може закупувачот да спроведе активности за освежување и за реновирање на комплексот и во мај тој да почне непречено да функционира – објасни Томовски.
Тој вели дека уште отсега има заинтересирани за комплексот и се надева дека ќе биде избран поволен економски оператор. За овој комплекс се потрошени 6,5 милиони евра.
По ставањето клуч на врата во 2018 година, имаше неколку идеи за негово повторно заживување, а една од нив беше да стане стартап село, идеја што Владата ја заговараше уште во 2020 година за да биде во служба на развој на стартап и на ИТ-компаниите. Но, од Фондот за иновации не видоа економска исплатливост за трансформацијата.
Изградбата на „Мaкедонско село“ започна во јуни 2011 година, како проект во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот премиер Никола Груевски. Официјално беше отворено на 22 јуни 2016 година.
Комплексот, кој се протега на површина од 15.000 квадратни метри, има 12 автентични куќи од повеќе краеви во државата. Во секоја од куќите има дуќани и работилници типични за периодот што го отсликуваат како градба.
(А.П.)