„Македонско девојче“ – евергрин по кој се препознава и памети легендарниот Јонче Христовски – Одбележани се 25 години од смртта на музичката икона

1395

Денес се навршија тажни, претажни 25 години од смртта на легендарниот Јонче Христовски. На времето, тој беше толку многу популарен македонски пејач и композитор, така што неговата популарност се споредуваше со онаа на Здравко Чолиќ или на Мишо Ковач. Како поинаку ако се знае дека е автор на македонската евергрин песна – антологиската  „Македонско девојче“ (премиерно испеана од Виолета Томовска), а по која нè препознава светот и ден-денес. Освен што беше одличен композитор, тој се покажа и како вонсериски текстописец на песните што ги пееше или ги пееја неговите колеги. Сите песни му беа во народен македонски дух и честопати патриотски, пренесувајќи ги така македонските корени во целиот свет.

Запаметени меѓу народот и новинарите ќе останат неговите специфични сценски настапи. По фрлањето на палтото на сцената, по бакнувањето на земјата, но и по боемско-мераклискиот начин на живот отсликан во изведбите на тие хитовски песни. Дедо Јонус, како што нагалено го викаа некои негови естрадни колеги, го сакаше животот, но и животот го сакаше него. Особено го сакаше колешката Сузана Спасовска, која јавно истакна дека „виновник“ за нејзината пејачка кариера е токму Јонче Христовски. Тој ја одведе кај тогашните музички уредници, претставувајќи им ја како нова македонска музичка ѕвезда. Така и се случи.                                                Изведбите на песните „Животе мој“, „Ај засвирете ми, чалгии“, „Запеј песна, Македонко“ беа такви што никој не остануваше рамнодушен. Пребогат е неговиот репертоар. Песна до песна, хит до хит: „Едно име имаме“, „Ако умрам ил загинам“, „Ој, Вардаре македонски“, „И ние сме деца на Македонија“, „Мој роден крај“, „Засвирете ми, чалгии“, „Куќа имам на Пелистер“, „Да ме молат, не се женам“… Сепак, беше оженет, но неговата сопруга рано почина. Во тој брак Јонче имаше две ќерки.

Пред две години, во чест на великанот Христовски, се одржаа два концерта, во Битола и во Скопје. Тогаш песните од неговиот репертоар со максимално задоволство ги пееја: Виолета Томовска, Ристо Самарџиев, Ленче и Горан Кукиќ, Елена Андоновска, Душко Георгиевски, Петар Младеновски и Агну Авшар.  (Д. М.) фото:архива

 

 

ИЗДВОЕНИ