Со просечна плата од 682 евра, исплатена во ноември 2024 година, Македонија се наоѓа на дното во регионот. Просечната плата кај нашиот северен сосед истиот месец достигнала 861 евро. Работниците во Босна и Херцеговина, пак, лани во ноември заработиле во просек 710 евра, во Црна Гора 993 евра, во Хрватска 1.366 евра и во Словенија 1.611 евра, што е речиси два ипол пати повеќе од Македонија. Економските експерти сметаат дека за реално зголемување на платите потребно е да расте и економијата, бидејќи ограничувачки фактори за тоа се ниската продуктивност и стапката на невработеност. До пораст на просечната плата ќе дојде ако дојде до зголемување на минималната плата. Синдикатите инсистираат минималната плата да порасне на 500 евра, а со овој предлог се согласија и од Стопанската комора на северозападна Македонија
Платите во Македонија покажаа значителен раст во последните неколку години, но овој тренд е главно резултат на административни мерки, како што се зголемувањето на минималната плата и покачувањата во јавниот сектор, заедно со одливот на работна сила во странство.
Во последните 10 години, просечната плата во Македонија пораснала за околу 94%. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната плата во ноември 2014 година била 21.588, додека во ноември 2024 година и изнесува 41.999 денари или 682 евра. Но, статистиката укажува дека просечната плата во земјава продолжува да се намалува. Така, во ноември падот на просечната плата е пониска за 0,3 отсто во однос на месецот пред тоа.
Споредбено со ноември 2023 година, во ноември лани забележано е зголемување на просечната плата за 9,5 насто. Со ваква просечна плата, Македонија продолжува да биде на дното во регионот.
Според податоците што ги објави Републичкиот завод за статистика на Србија, во ноември просечната плата кај нашиот северен сосед достигнала 100.738 динари (861 евро), што е првпат платите во земјата да ја надминат границата од 100.000 динари. Во оваа земја од 1 јануари годинава, минималната плата е зголемена за 13,7%. Работниците во Босна и Херцеговина, пак, лани во ноември заработиле во просек 710 евра, во Црна Гора 993 евра, во Хрватска 1.366 евра и во Словенија 1.611 евра.
Економските експерти сметаат дека за реално зголемување на платите потребно е да расте и економијата, бидејќи ограничувачки фактори за тоа се ниската продуктивност и стапката на невработеност. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи, не го загрижува намалувањето на просечната плата и вели дека тоа се должи на зимскиот пад на работата во градежништвото и земјоделието и очекува трендот да почне да расте.
До пораст на просечната плата ќе дојде ако дојде до зголемување на минималната плата. Синдикатите инсистираат минималната плата да порасне на 500 евра, а со овој предлог се согласија и од Стопанската комора на северозападна Македонија и предложија Владата да ги остави придонесите на нивото на сегашниот минималец.
Се очекува висината на минималната плата да се разгледува и на Економско- социјалниот совет, кој, како што најави премиерот Христијан Мицкоски, веќе се подготвува состанок со синдикатите и работодавачите. Тој најави дека неделава ќе се сретне со Синдикатот на УПОЗ и ќе се разговара за нивните барања кои беа кажани на протестите на јавната администрација за повисоки плати и прифаќање на Колективните договори за додатокот на плата.
– Ќе се сретнеме, ќе разговараме, ќе ги анализираме заедно работите, меѓу другото се подготвува и состанок на Економско-социјалниот совет, ќе можеме и таму да разговараме. Така што само со разговор се решаваат работите. Само со разговор можеме да дојдеме до решение коешто ќе биде успешно – изјави Мицкоски.
(С.Бл.)