По 12 години, „Трансавија“, втората по големина нискобуџетна авиокомпанија во Холандија, дел од групацијата КЛМ, ја возобнови релацијата Амстердам – Скопје – Амстердам. Во неделата вечерта пристигна првиот лет на „Трансавија“ на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и по тој повод, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека новата маршрута не е само за проширување на нашата мрежа туку и за проширување на можностите за македонските граѓани.
Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, истакна дека политиките што ги спроведува Владата во авиосообраќајот даваат конкретни резултати. – По 12 години, успеавме повторно да ја вратиме линијата Скопје – Амстердам. За многу кратко време успеавме да овозможиме нови десетина дестинации од двата домашни аеродроми, со што даваме силен поттик и развој на воздушниот сообраќај, поконкурентни услови за патување и нови дестинации за граѓаните – истакна Николоски
По 12 години, „Трансавија“, втората по големина нискобуџетна авиокомпанија во Холандија, дел од групацијата КЛМ, ја возобнови релацијата Амстердам – Скопје – Амстердам. Во неделата вечерта пристигна првиот лет на „Трансавија“ на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и по тој повод, генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт, истакна дека тоа е значајна пресвртница за ТАВ Македонија, подружница на „ТАВ Аеродроми“ – членка на групацијата АДП.
– Оваа нова маршрута не е само за проширување на нашата мрежа. Станува збор за проширување на можностите за македонските граѓани. Со оглед на тоа што Амстердам е една од најживописните дестинации во Европа, овој лет не само што ќе ги приближи луѓето до светските историски атракции и колекции на големата уметност туку и ќе им овозможи на туристите да ги искусат неговите живописни пејзажи – изјави Курт.
Авиокомпанијата ќе има летови од аеродромот „Шипхол“ во Амстердам, два пати неделно (во четврток и во недела). За патниците од Македонија ќе овозможи полесни патувања кон Амстердам за туризам, семејни посети и за бизнис-цели.
– Со додавањето на Скопје во нашата мрежа, им нудиме на нашите патници уште повеќе можности за патување во рамките на Европа. Без разлика дали е тоа патување за се види нов град или бизнис-патување, Скопје ќе ве воодушеви. Градот е уникатна дестинација која ве остава без здив и се наоѓа во убава земја. Многу сме горди што ќе летаме на оваа маршрута – изјави Марсел де Нојџер, главен извршен директор на „Трансавија“.
За министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, новата авиолинија Амстердам – Скопје е нова можност граѓаните да ги искористат придобивките од воведувањето нови дестинации низ Европа и светот.
– Политиките што ги спроведуваме во авиосообраќајот, даваат конкретни резултати. По 12 години, успеавме повторно да ја вратиме линијата Скопје – Амстердам. За многу кратко време успеавме да овозможиме нови десетина дестинации од двата домашни аеродроми, со што даваме силен поттик и развој на воздушниот сообраќај, поконкурентни услови за патување и нови дестинации за граѓаните – истакна Николоски.
Од средината на минатиот месец, до Скопје лета и германската чартер-авиокомпанија „Фрибрд“.
– Туристите ќе доаѓаат од февруари до мај и во периодот од октомври до ноември, надвор од зимската и надвор од летната сезона, период во кој обично хотелите се затвораат оти немаат доволно гости. Ова е туристичка агенција што го работи целото Хрватското Приморје, со посебен фокус на Дубровник, каде што годишно носат милиони туристи. Почнуваат со 35 илјади туристи за оваа година, со ветување дека ќе одат нагоре. Тие ќе поминуваат најмалку два дена во Скопје и два дена во Охрид, а ќе имаат и други посети. Тоа ќе значи целосно искористен капацитет на неколку хотели, посетени ресторани, посетени музеи и девизен прилив за Македонија. Ако се претпостави дека еден турист би оставил по 200 евра при својата посета, може да се пресмета колку средства се тоа. Веќе следната година очекувам бројот да оди нагоре – истакна Николоски.
Тој најави дека од 27 март започнува новата линија на „Туркиш ерлајнс“, од Истанбул до Охрид. Со политиката на финансиска поддршка за нови дестинации, досега се воспоставија 10 нови авиолинии, од кои осум од Скопскиот и две од Охридскиот аеродром.
Од „ТАВ Македонија“, како аеродромски оператор, велат дека се посветени да ја прошират својата мрежа на дестинации, да одржуваат долгорочни односи со авиокомпаниите, нудејќи постојана поддршка и флексибилност во приспособувањето на фреквенциите на летање или, пак, времето на летовите, со цел да обезбедат повеќе опции за директни летови, како и беспрекорно и ефикасно патничко искуство за сите патници.
(С. Бл.)