Фановите на македонската ракометна репрезентација се соочија со уште еден непријатен удар од страна на организаторот на Светското првенство во Хрватска. Тие мораа да платат повисока цена на билетите за натпреварите од главната фаза на шампионатот. Имено, Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) во соработка со организаторот ги формира цените на билетите за натпреварите од втората фаза на Светското првенство.
Цените на билетите за втората фаза пораснаа, па наместо 50 и 70 евра за двете различни опции на картите, дојде до поскапување. Дневна карта, со која сега наместо два, ќе може да се гледаат три натпревари во Вараждин ќе чини минимум 80 евра, а поскапите се од 100 евра. Продажбата на билети одново се одвива преку истата мрежа.
Интересно е дека цените во Вараждин се најскапи во однос на двата други градови домаќини во Хрватска. Во „Загрепска Арена“ во продажба беа пуштени билети во три категории, по 40, 60 и 80 евра, што е за нијанса поефтино од билетите за „Арена Вараждин“, но и салата е доста поголема. Најевтини се билетите за Президент купот во Пореч кои се по симболични цени од 5 до 25 евра.
Македоннија, попладнево (15.30 ч.) го игра првиот натпревар од главната фаза, против селекцијата на Австрија, а до крајот на истата ќе ги одмери силите и против репрезентациите на Катар и Франција. Во главната фаза избраниците на селекторот Кирил Лазаров, пренесоа еден бод од ремито со селекцијата на Унгарија.