Освен во Хрватска, Црна Гора, Грција, нашите работници летово ќе одат на печалба и во Албанија. Туризмот во Албанија забрзано се развива, а последниве години сè поголем број странски туристи одлучуваат на летуваат на албанското крајбрежје. Во пресрет на летната туристичка сезона, голем број барови, ресторани и хотели имаат недостиг на работници. На Албанија ѝ требаат повеќе од 2.000 работници, готвачи, келнери, шанкери, хигиеничари, но и возачи, туристички водичи и менаџери. Економските експерти велат дека, освен во туризмот, Албанија доживува и градежен бум. Се градат патишта, згради, хотели… Поради тоа, последнава година, голем број македонски работници, пред сè од градежниот и од угостителско-туристичкиот сектор, користејќи ја можноста за работа без виза, преку иницијативата „Отворен Балкан“, заминуваат на работа во оваа соседна земја.
Од агенциите за посредување за вработување во странство велат дека со оглед на близината на Албанија, сè поголем број наши работници сакаат да одат да работат таму, но проблем е јазичната бариера.
– Во Албанија, последниве години се забележува значително зголемување на бројот на туристи. Голем број наши работници одат на сезонска работа, но проблем е јазичната бариера. Поради тоа, Албанците сè уште вработуваат лица што зборуваат албански. Албанските угостители го надополнуваат недостигот на работна сила со работници од Далечниот Исток. Оваа година, Албанија ја зголеми квотата за странски работници на 35 илјади работници – вели за весникот ВЕЧЕР Зоран Кочовски од „Коузон“.
Тој додава дека Македонците претежно одат на сезонска работа во Албанија и работат како келнери, шанкери, а има и собарки во хотелите. Платите во угостителството се за 20 отсто повисоки од македонските, пониски од оние што ги земаат сезонските работници во Хрватска, а на ниво на платите во Црна Гора. Тоа значи дека се движат од 800 до 1.000 евра.
Економистите и аналитичарите во државата оценуваат дека причина за одењето на сезонска работа во Албанија се повисоките плати.
– Повисоките плати во земјите од регионот ги натераа македонските работници да заминат на сезонска работа. Албанија е далеку пред нас и во однос на платите и во однос на изградбата на нова инфраструктура, се градат згради, патишта, мостови… Поради тоа, имаат потреба од градежни работници, а нашите работници, кои се на минималец, последниве години масовно одат на работа и во оваа соседна земји – вели за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски од ССМ.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека кога ќе ги средиме работите кај нас, младите ќе престанат да се иселуваат.
– Главни причини за иселувањето се проблемите кои постојат во државата, а кои никако да се надминат, како високата партизација, невладеењето на правото, лошото судство, нефункционалната администрација… Во некои земји, овој тренд е запрен, но кај нас, за да се случи тоа, потребни се многу промени, пред сè промена на стопанската структура и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Кога ќе се средат проблемите кај нас и кога нема толку да заостануваме зад просечните плати во Европа и во регионот, се надеваме дека ќе запре овој тренд. Инаку, факт е дека секој човек сака да живее таму каде што се родил, но треба да има добри услови за живот. Ако имаме добра економија и добри плати, секако дека процесот на иселување ќе запре – вели Димитров.
Според податоците на Националната агенција за вработување и вештини (АКПА), минатата година, во Албанија, со редовен договор за вработување биле ангажирани над 13.000 странски државјани. Доминираат италијанските, турските и индиските, а не е мал процентот и на македонските, косовските и на пакистанските државјани.
Ако ги погледнеме огласите за вработување во Албанија, во дел од нив се нудат и плати од 1.000 евра, па дури и 1.500 евра, но има и доста огласи каде што износот на платата е 800 евра.
(А.С.)