Македонските граѓани не даваат „пас“ за уставни измени

Голем отпор за уставните измени кај македонските граѓани, само 20 проценти од испитаниците поддржуваат уставни измени како услов за почнување на преговорите со ЕУ, покажала анкетата што од октомври до декември 2024 ја спровел Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ - Скопје за анализа на перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција. Според истражувањето, мнозинството граѓани ја поддржува Унијата и таа останува најпосакуван партнер. Поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија се задржува на ниво од 62 проценти. Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, рече дека Брисел е подготвен да помогне во македонскиот евроинтегративен процес, а главната порака на амбасадорите до граѓаните треба да биде уверувањето дека проширувањето ќе се случи и дека е со опиплива вредност

282

Во земјава постои голем отпор за уставните измени, само 20 проценти од македонските граѓани поддржуваат уставни измени како услов за почнување на преговорите со ЕУ, покажала анкетата што од октомври до декември 2024 ја спровел Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ – Скопје за анализа на перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција. Останатите испитаници се со поделени мислења, некои сметаат дека земјава треба да се повлече од процесот и да инсистира на промена на Преговарачката рамка, а други се за статус-кво ситуација.

Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, на настанот на кој се презентираше анализата на јавното мислење порача дека земјава е исправена пред политичко прашање за патот кон Унијата и додаде дека е добро што се сретнале министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев. Рокас рече и дека Брисел е подготвен да помогне во македонскиот евроинтегративен процес, а главната порака на амбасадорите до граѓаните треба да биде уверувањето дека проширувањето ќе се случи и дека е со опиплива вредност.

-Постои неотповиклива желба на Европската Унија да помогне во евроинтегративниот процес на С. Македонија. Тука сме да помогнеме за што е можно поскоро да се спроведат неопходните реформи во земјава, со цел граѓаните да видат кои се придобивките во реално време од овие реформи. Од една страна, треба да се помогне со ставање на фокус на убрзување и што е можно поскоро спроведување на неопходните реформи, така што самите граѓани ќе можат да видат кои се придобивките во реално време од самите реформи, а од друга страна политички, треба да се справиме и со поголемите предизвици кои се случуваат во Европа, порача амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.

И германската амбасадорка, Петра Дрекслер во своето обраќање посочи дека земјите од ЕУ се партнери во процесот на пристапувањето на Македонија во Унијата. Таа нотираше дека граѓаните јасно го кажале своето мислење каде што припаѓаат, а тоа е во Европа и стапката на поддршка за влез во ЕУ е навистина висока.

– Јас бев позитивно расположена кога ги видов резултатите од оваа анкета. Она што го видовме е дека граѓаните кои беа анкетирани, јасно го истакнаа изборот каде припаѓаат – во Европа. Тука нема никакво сомнение. Дури и со намалувањето на довербата што се гледа во последните години, а тој тренд беше запрен, стапката на поддршка е 60 проценти, тоа е навистина силна поддршка. Според мене, заклучоците се позитивни и мислам дека имајќи ги предвид сите предизвици со кои се соочуваме, една работа е јасна. Ние сме партнери заедно – земјите на ЕУ и Северна Македонија. Ние сме партнери во процесот на пристапувањето и ќе продолжиме по тој пат, додаде Дрекслер.

Македонија се изгоре со лоши искуства, бара извесност на патот кон ЕУ

Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието, Антонио Милошоски, лошите искуства се доволно силни аргументи Македонија со право да побара одредена извесност за патот кон ЕУ. Милошоски рече дека одложено дејство на уставни измени е рационален аргумент којшто би можел да биде поттик за Македонија да се интегрира, Бугарија да не блокира, а Европската Унија да го менаџира, тој процес до конечната цел. Милошоски истакна дека отпорот кај граѓаните кон уставните измени за почеток на преговорите со ЕУ, како и појавата на евроскептицизам, се должи на тоа што во самата ЕУ постои неизвесност и Унијата нема стратегија за проширување. Според него, најавите од премиерот Христијан Мицкоски за барање гаранции од Вашингтон, Брисел и Софија и тоа што го кажал и министерот за надворешни работи е „рационална позиција за Македонија“.

-Македонија досега неколку пати има направено уставни измени, а ЕУ ветувала дека таквите уставни измени ќе ја приближат Македонија кон преговорите за членство или кон самото членство, но очигледно е дека не ги исполнила своите ветувања и би било наивно да се прават уставни измени за да ни се случи уште едно неисполнето ветување. Не е само како ќе се започне процесот на преговори туку многу е битно завршувањето и целта на тој процес на преговори. Преземената обврска од претходната влада, доколку има можност да се менаџира, би било рационално истата да се менаџира со предвидливост на патот до конечната цел, а тоа се европските интеграции. Бидејќи, како што гледаме, во Македонија постои реално оправдана разочараност од односот на Европската Унија. Имавме веќе еднаш уставни измени за името, каде што земјите членки на ЕУ ветуваа дека Македонија ќе ги отвори портите кон Европската Унија, за следната година да имаме блокада од Франција, а година потоа да имаме блокада од Бугарија. Сметам дека ваквите лоши искуства се доволно силни аргументи Македонија, со право, да побара одредена извесност за патот кон Европската Унија. Бидејќи гледаме дека ЕУ не говори со еден глас, нема сериозна визија за Западниот Балкан и времетраењето на зачленувањето и проширувањето на овие држави, рече Милошоски.

Европски стандарди

Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС, рече дека „постои голем отпор за уставните измени како услов за почнување на преговорите“ и смета дека државава треба да заземе проактивен пристап во процесот. Тој порача дека „мора да работиме посветено на изнаоѓање решенија“ и „од Европската Унија да бараме модалитети кои ќе ни гарантираат пообјективен и попредвидлив процес на преговарање“.

-Треба да знаеме и дека противење кон нив по секоја цена и повторување на неправдата која нам ни е нанесена, исто така, не може да ни донесе многу добро, особено во овој суров геополитички момент каде што секој ги гледа своите интереси. Без притоа да бараме промени на Преговарачката рамка или да инсистираме дека нема во иднина да бидеме условувани, меѓутоа да бараме што поголема кредибилност на процесот, и тоа е патот кон којшто треба да се движиме како држава. Значи, треба да се заземе еден проактивен пристап, рече Трошановски.

На прашањето дали поддржува уставни измени со одложено дејство, одговори дека  „тие нам не ни помагаат да добиеме објективност и предвидливост на процесот“. Според него, предвидливост треба да бараме во европски стандарди, примена на Договорот  за добрососедство со Бугарија, особено работата на историската комисија која, како што рече, „сега е оставена да лебди, работи без методологија и по волја на бугарската страна, во еден асиметричен однос“.

– Ако процесот е сега европски и ако цела ЕУ стои зад него, тој треба да биде воден по европски стандарди и тоа е она на што треба да се фокусираме и да го бараме како држава, првенствено. И секундарно, но не помалку важно, е исто така во делот на патоказот за владеење на правото, односно оној план за заштита на малцинските права којшто постојано ќе биде дел од преговорите со ЕУ, да го исчистиме од евентуално злонамерни интервенции кои ќе тврдат дека Македонија има говор на омраза или системска дискриминација врз основа на некои небулозни критериуми, како што на пример беше делот со говор на омраза во приватен простор кој стои во Договорот со Бугарија, којшто е надвор од сите стандарди и дефиниции за говор за омраза, рече Трошановски.

Според Даниел Браун, директор на  Канцеларија на Фондација „Конрад Аденауер“ во Скопје, презентацијата на наодите е во вистинско време и во контекст на безбедносната конференција во Минхен и, пред сè, во однос на трансатлантските партнерства „кои сега се повторно под знак прашање“.

ЕУ најпосакуван партнер, намалена перцепцијата за влијанието на САД

Според истражувањето, мнозинството граѓани ја поддржува Унијата и таа останува најпосакуван партнер. Поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија се задржува на ниво од 62 проценти. Постојат значителни разлики во ставовите помеѓу етничките заедници. Додека 82% од Албанците ги поддржуваат аспирациите за членство во ЕУ, кај Македонците овој процент е 56%.

Највоздржани се најмладите и највозрасните испитаници, кај кои е констатирана поголема неопределеност. Прашани за приоритетите во надворешната политика, граѓаните го ставиле пристапувањето кон ЕУ како прв приоритет што би сакале да го видат од Владата. Кај младите е констатирана и „отвореност за позитивни ставови кон Кина“, а кај највозрасните – за Русија.

Во однос на наодите за ставот на политичките партии кон евроинтеграцискиот процес, кај партиите од албанскиот блок, без исклучок, и кај поддржувачите на СДСМ, „има високо, речиси консензуално ниво на поддршка кон ЕУ“. Во оваа анкета е забележано зголемување на поддршката на ЕУ кај поддржувачите на Владата, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави бележи значителен пад кај нашите граѓани – за 20 проценти во споредба со лани.

Анкетата ја спроведе Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје, кои 11 години ги следат трендовите и перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција. Анкетата е спроведена на 1.065 испитаници, во периодот од октомври до декември. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ