Македонскиот јазик во наставната програма на постдипломските студии на Факултетот за странски јазици во Тирана

30

Македонскиот јазик во наставната програма на постдипломските студии на Факултетот за странски јазици во Тирана.

Предметот македонски јазик влегува во редовната наставна програма на постдипломските студии на Факултетот за странски јазици во Тирана.

– Се работи за нова, современа, иновативна и интердисциплинарна насока на постдипломските студии „Интеркултурна тријазична комуникација во туризмот”. Во рамки на оваа насока, студентите избираат три од понудените јазици, кои се изучуваат паралелно со совладување на нивниот социо-културен контекст, објави весникот „Илинден”.

Целта на наставната програма на овие постдипломски студии е создавање на висококвалификувани кадри кои со својот космополитски и полиглотски поглед на светот, ќе ги разбиваат јазичните бариери и ќе создаваат нови мостови меѓу културите преку туризмот.

Според објавата на факултртот, студиската програма за магистерски науки по „Меѓукултурен јазик и комуникација и тријазичен туризам“ (2 години, 120 кредити) доаѓа со иновација за академската 2024-2025 година.

-Оваа целосно реструктуирана програма благодарение на соработката со бизнис и туристичката индустрија во земјава, странските партнерски универзитети и меѓународните експерти во оваа област е златна можност за сите студенти кои имаат страст за комуникација, странски јазици, култура, патување и туризам, наведува Факултетот.

Новата наставна програма е во согласност со највисоките стандарди на оваа струка и ќе биде изработена на три странски јазици. Модулите кои се нудат врз основа на компетенции и проектот им даваат повеќе простор на професионалните и технолошките вештини на студентот. За првпат стручната пракса ќе се протега во текот на три семестри со што студентот ќе има можност да биде поблиску до професијата и пазарот на трудот.

-Иницијативата за повторно отворање Лекторат по македонски јазик во Тирана беше отпочната во декември минатата 2023 година, кога беше остварен работен состанок меѓу директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска и претседателот на Македонското друштво „Илинден” во Тирана, Никола Ѓурѓај. Тогаш беше и доставено барање до УКИМ за отворање на Лекторатот на Факултетот за странски јазици во Тирана, наведува весникот „Илинден”.