Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ продаден во голем број земји

331

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ во режија на Георги Унковски е продаден за дистрибуција во повеќе земји, како Канада, Австралија, Нов Зеланд, Белгија, Луксембург, Холандија, Португалија, Шпанија, Израел и регионот на цела поранешна Југославија, објави „Варајати“, дополнувајќи дека во тек се преговори и за други територии.

Ова следува откако дебитантското долгометражно остварување на Унковски на најголемиот фестивал на независен филм во САД „Санденс“ се закити со две награди – од публиката во категоријата Светска филмска драма (Audience Award: World Cinema Dramatic), како и специјалната награда од жирито за креативна визија (World Cinema Dramatic – Special Jury Award for Creative Vision).

Како што изјави Џулиен Разафиндранали, од „Филмс Бутик“ (Films Boutique), компанија за меѓународна продажба на филмови со седиште во Берлин: „Особено сме му благодарни на ‘Санденс’ што одично го лансираше филмот“.

Филмот го претставува Ахмет, 15-годишно момче од оддалечено село на Јуруци во Македонија, кое наоѓа утеха во музиката додека се справува со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница и своето прво искуство со љубовта — девојка која веќе е ветена за друг. Улогите во филмот ги толкуваат: Ариф Јакуп, Агуш Агушев, Дора Акан Златанова, Аксел Мехмет, Селпин Керим и Атила Клинче. Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.

Филмот беше поддржан од македонската Агенција за филм.

ИЗДВОЕНИ