Македонската репрезентација, составена од 22 танчари, блескаше на Светското првенство во латино-танци, што се одржа во Варшава, Полска, од 11 до 13 април, претставувајќи ја нашата земја со страст, енергија, извонреден талент и танц!

На ова високо престижно натпреварување, каде што конкуренцијата доаѓа од сите краеви на светот, танчарите на Dancers United освоија вкупно 19 медали – 6 златни, 8 сребрени и 5 бронзени, ставајќи ја нашата земја високо на мапата на светскиот танцов спорт.

„Не постои поголема чест од тоа да се слушне македонската химна на светска сцена, како симбол на трудот, сонот и успесите на овие млади уметници.

Посебно емотивен момент беше настапот на инклузивната група од студиото Dancers United, кои низ својот танц испратија силна порака за еднаквост, поддршка и моќта на уметноста да ги надмине сите бариери“, изјави Сара Кочан, која беше официјален судија, претставник на Македонија на натпреварот.

Таа додаде дека со својата енергија, искреност и храброст, тие ги освоија симпатиите на публиката и учесниците од целиот свет.

„На овој натпревар од светски рамки бевме поддржани од Министерството за култура и туризам. Овој значаен успех е резултат на долгогодишна посветеност, истрајност и љубов кон танцот, вредности што ги споделуваат танчарите, нивните ментори и семејствата. Македонија има со што да се гордее, затоа што танцот зборува гласно, а овој пат зборуваше на јазикот на победата, солидарноста и љубовта “, додаде Сара Кочан.

Златен медал им беше доделен на Dancers United Младинци, и тоа на Ангела Николиќ, на Луна Дариа-Кочан, на DS Crew, а Нина Спасовска, која доби два златни медала.

Сребрени медали се доделени на Евгенија Арсова, Емили Нера Кочан, на Dancers United и четири на Луна Дариа Кочан.

Бронзени медали, пак, освоија Нина Спасовска, Dancers United, Ангела Николиќ & Михаела Филипова, Срна Трошановска и Нина Митревски.

 

 

ИЗДВОЕНИ