Македонски хакери или „тимот на Хорхе” вмешани во изборот на Мадуро?!

174

Дали највештите хакери во светот живеат во Македонија? Неколку години по веста дека тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, победил со сериозна поддршка од велешките хакери, светот го обиколи нова вест, дека сајбер напад извршен од Македонија влијаел врз пренесувањето на резултатите од претседателските избори во Венецуела. Дали навистина функционирала врска Каракас – Велес и на кој начин, би требало да докаже истрагата на надлежните, но и на новинарите. Инаку, на почетокот од минатата година, во светот, преку истражувачите на лондонски „Гардијан“, бомбастично одекна веста дека тим израелски хакери, во последниве 20 години, влијаеле на резултатите на повеќе од 30 избори ширум светот, користејќи хакирање, саботажа и автоматизирани дезинформации на социјалните мрежи. Според весникот, тимот бил предводен од поранешниот оперативец на израелските специјални сили, Тал Ханан, кој работел под кодното име Хорхе. Услугите на неговиот тим, опишани од други како „црни операции“, се користени низ Африка, Јужна и Централна Америка, САД и Европа

 

Дали највештите хакери во светот живеат во Македонија? Неколку години по веста дека тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп, победил со сериозна поддршка од велешките хакери, светот го обиколи нова вест, дека сајбер напад извршен од Македонија влијаел врз пренесувањето на резултатите од претседателските избори во Венецуела. Дали навистина функционирала врска Каракас – Велес и на кој начин, би требало да докаже истрагата на надлежните, но и на новинарите.

Она што засега е познато според „Дојче веле“, кој ја пренесе  изјавата на главниот обвинител Тарек Вилијам Сааб, дека бил направен обид за манипулирање на резултатите, но дека акцијата не била успешна. На прес-конференција, Сааб рече дека неговата канцеларија пронашла прелиминарни докази за наводен обид за саботажа на изборниот систем на ЦНЕ што доаѓа од Македонија, а зад која, покрај Мачадо, стоеле и „бегалците од правдата“ – Лестер Толедо и Леополдо Лопез.

Ваквиот чин, според обвинителот, го забавил системот со кој се обработувале податоците, при што двата табора објавиле различни резултати, со огромна разлика на изборите. Како што објавија медиумите, победник на изборите е актуелниот претседател, Николас Мадуро, кој е на власт веќе 11 години, додека кандидатот на опозицијата, Едмундо Гонзалез Урутија, освоил 44 отсто. Опозицијата го тврди спротивното, односно дека победил токму нејзиниот кандидат, со огромна разлика од 70 проценти од избирачите што излегле на гласачките места. Поради ваквите спротивставени позиции, избија немири во Венецуела.

Она што е интересно за македонската јавност е споменувањето на сајбер нападот извршен од Македонија, па многумина го поврзуваат со велешката група која беше топ-тема во светот во 2017 година, во текот на кампањата за претседател на Америка, бидејќи поседува стотици интернет-портали на кои пласира лажни вести.

Да потсетиме дека во 2017 година, веднаш по инаугурирањето на Трамп за 45. американски претседател, како гром одекна веста дека група тинејџери од Велес заработуваат дебели пари од лажни и сензационалистички вести против Хилари Клинтон, во корист на Доналд Трамп.

Со бомбастични наслови и нерелевантни текстови, планетарно се споделувале вести на над 100 илјади профили, што значело дека ќе стигнат до голем број читатели. „Златната сајбер треска“, која го претвори Велес во Елдорадо, почнала една година претходно, од каде што стартувале најмалку 140 веб-портали што се занимаваат со темата на американските претседателски избори. Овие сајтови имале и домејни, кои имале и американски изглед, за да нема сомнеж дека се лажни: WorldPoliticus.com, TrumpVision365.com, USConservativeToday.com, DonaldTrumpNews.co, and USADailyPolitics.com… Тогаш, светските медиуми пишуваа дека младите Македонци што ги водат овие сајтови, не се заморуваат со Доналд Трамп, туку се водат чисто од економски интереси. Имено, корисник на „Фејсбук“ во САД „вреди“ четири пати повеќе од корисник надвор од САД. Тие увиделе дека најдобар начин за генерирање сообраќај е да ги споделуваат приказните на „Фејсбук“, а најдобар начин за генерирање споделувања на ФБ е да објавуваат сензационалистички и често лажни приказни, чија содржина ги „погодува“ следбениците на Трамп.

– Да, информациите на сајтовите се лоши, лажни и доведуваат во заблуда, но, од друга страна, ако ги наведуваат луѓето да кликнат и да се ангажираат, тогаш би требало да се искористи тоа – рекол студент од Велес, кој води неколку такви сајтови.

Како што пренесува „Буз фид њуз“, тој открил дека има повеќе од 100 сајтови кои се занимаваат со изборите во САД и кои се „водат“ од Велес. Еден од тие сајтови има повеќе од половина милион следбеници на „Фејсбук“.

Инаку, ова не е прв пат преку Интернет, меѓу другото, да се влијае на политичките избори во светот.

Парискиот весник „Монд” во 2019 година објави дека две хакерски групи поврзани со руските разузнавачки служби биле вмешани во сајбер напади врз тимот од предизборната кампања на францускиот претседател Емануел Макрон, во текот на претседателските избори во 2017 година. Аферата со хакерските напади врз тимот на Макрон, во текот на предизборната кампања, позната во Франција како „Макронликс“, доведе до тоа да протечат во јавноста содржини од повеќе електронски пораки на Макрон, непосредно пред вториот круг од претседателските избори. Весникот наведува дека имал увид во извештајот на специјалните истражители на „Гугл“ за хакерските напади, како и во истрагата на компанијата специјализирана за сајбер напади „Фајер ај” (FireEye).

Експертите на „Гугл“ и компанијата „Фајер ај” заклучиле дека во хакерскиот напад координирано учествувале две групи хакери поврзани со Русија. „Монд” пишува дека во документите е наведено дека хакерскиот напад имал цел „да ги дестабилизира претседателските избори во Франција, во 2017 година”.

Инаку, на почетокот од минатата година, во светот, преку истражувачите на лондонски „Гардијан“, бомбастично одекна веста дека тим израелски хакери во последните 20 години влијаеле на резултатите на повеќе од 30 избори ширум светот, користејќи хакирање, саботажа и автоматизирани дезинформации на социјалните мрежи. Според весникот, тимот бил предводен од поранешниот оперативец на израелските специјални сили, Тал Ханан, кој работел под кодното име Хорхе. Тој и неговиот тим, кои го користеа кодното име Тим Хорхе, беа откриени преку тајни снимки и документи до кои „Гардијан“ имал пристап.

Ханан, претставувајќи се како консултант и бизнисмен кој сака да ги одложи изборите во една африканска земја, изјави дека неговите услуги се достапни за разузнавачките агенции, политичките кампањи и приватните компании кои сакаат тајно да манипулираат со јавното мислење.

Тој рече дека услугите на неговиот тим, опишани од други како „црни операции“, се користени низ Африка, Јужна и Централна Америка, САД и Европа.

Во конзорциумот новинари што го истражуваше случајот „Тимот Хорхе“ членуваат новинари од 30 медиуми, меѓу кои францускиот „Монд“, германскиот „Шпигел“ и шпанскиот „Паис“. Во текот на тајно снимените состаноци, кои се одржувале во период од шест месеци, Ханан и неговиот тим разговарале за тоа како може да соберат разузнавачки информации за политичките ривали, вклучително и користење техники на хакирање за пристап до сметките на „Џимеил“ и на „Телеграм“. (Е.А.)