Македонски државјанин е повреден при неодамнешениот напад врз објект на Обединетите нации во Појасот Газа којшто се случи на 19 март, потврдија од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија за весникот ВЕЧЕР. Оттаму велат дека повредениот е пренесен на лекување во Израел, неговата состојба е стабилна и тој е надвор од животна опасност.
-Во врска со вашето прашање, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, како резултат на инцидентот од 19 март врз објект на Обединетите нации во Појасот Газа, меѓу повредените има и еден македонски државјанин, кој е пренесен на лекување во Израел. Здравствената состојба на повредениот македонски државјанин е стабилна и тој е надвор од животна опасност, велат од министерството во одговор на прашањето на весникот ВЕЧЕР, без да дадат повеќе детали околу неговиот ангажман во појасот.
Од МНР посочуваат и дека министерството, преку македонската Амбасада во Тел Авив е во постојана комуникација и останува на целосно располагање на нашиот државјанин. Ја потенцираат важноста од заштита на припадниците на меѓународните и хуманитарни организации.
-Нивната безбедност и интегритет мора да бидат гарантирани во сите околности, во согласност со меѓународното хуманитарно право, велат од МНР.
Во нападот на објектот на ОН во Деир Ал Бала загина едно лице, вработен во ОН од Бугарија, а шестмина беа повредени. Поради загриженоста за нивната безбедност, од ОН најавија дека за една третина ќе го намалат меѓународниот персонал во Појасот Газа. (В.С.Н.)