При изведбата на „Кармина Бурана“ на 17 февруари, сцената на Националниот дворец на културата во Софија, заедно со македонските, солунските и со софиските филхармоничари, ќе ја делат и оперските солисти. Нашата сопранистка со интернационална кариера, Ана Дурловски, ќе настапи со грчкиот тенор Николас Спанос и со бугарскиот баритон Иво Јорданов. Идејата е да се повтори овој концерт и во Скопје и во Солун
Македонската филхармонија, заедно со Софиската и со Солунската, на 17 февруари, во Софија, ќе ја изведе познатата сценска кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, а под диригентската палка на маестро Најден Тодоров. Сцената на Националниот дворец на културата во Софија, заедно со музичарите, ќе ја делат и оперските солисти. Нашата сопранистка со интернационална кариера, Ана Дурловски, ќе настапи со грчкиот тенор Николас Спанос и со бугарскиот баритон Иво Јорданов.
Овој проект, како што велат од Софиската филхармонија, бил договорен минатата година, на иницијатива од маестро Тодоров, како своевиден симбол на културната соработка во регионот, а идејата е да се повтори концертот и во Скопје и во Солун.
„Кармина Бурана“ е едно од најголемите музички дела што се претвори во „бестселер“ на 20 век. Со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на генерации љубители на оперската музика. Композиторот Карл Орф го создаде ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија Codex Buranus. Премиерата во 1937 година, во Германија, предизвика сензација и го означи почетокот на светскиот триумф на кантатата, велат од Софиската филхармонија.
„Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата на животот. Еден од највпечатливите делови е „O Fortuna“, кој стана музички симбол во целиот свет.
Инаку, ова не е првпат, музичарите од балканските земји да настапат во заеднички проект.
„Во 2000 година, на иницијатива од Македонската филхармонија, се реализираше проектот Балканска филхармонија, во кој учествуваа музичари од сите балкански земји. Балканската филхармонија одржа три концерти во Скопје. Првиот концерт беше во 2000 година, под диригентство на маестро Емил Табаков, а беше изведена Бетовеновата Деветта симфонија. Тогаш, како солисти, настапија: Марија Муратовска-Наумовска, сопран од Македонија; Александра Милчева, мецосопран од Бугарија; Мариус Влад, тенор од Романија, и Адријан Ибраими, бас-баритон од Албанија. Учествуваа и Хорот на Македонската опера и балет и Хорот при Македонската радио-телевизија. За првиот концерт за Балканската филхармонија во Скопје беше снимен и долгометражниот документарен филм ‘Радост на животот’, во режија на Светозар Ристевски, кој ја доби и првата награда на фестивалот во Визбаден, Германија, а беше награден и на фестивалот ‘Земјата на виното’ во Калифорнија, во 2002 година“, потсетуваат од Филхармонијата.
Во 2001 година, додаваат, се одржа и вториот концерт на Балканската филхармонија, на сцената на Универзална сала во Скопје, на кој беа изведени Симфонијата бр.2 „Барбара“ од македонскиот композитор Властимир Николовски и симфониската поема „Ѕвона“ од Сергеј Рахмањинов. Третиот концерт на Балканската филхармонија се одржа во 2002 година, а беше изведена маестралната Симфонија бр.2 „Воскресение“ од Густав Малер.