Претседателката на нашата држава Гордана Сиљановска-Давкова има најниска плата од нејзините колеги во регионот. Платата на претседателката изнесува 1.500 евра и е далеку зад платата на останатите претседатели во регионот, особено зад онаа на нашиот сосед Албанија, чии претседател Бајрам Бегај зема дури 3.860 евра плата, објави регионалниот портал банкар.ме.
Многу блиску до платата на македонската претседателка е платата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој зема 1.894 евра. Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, пак кој неодамна ја потврди довербата од граѓаните и државата ќе ја води и во следните 5 години, месечно заработува 3.587 евра. Следниот по висина на плата е црногорскиот претседателот Јаков Милатовиќ, кој зема 2.420 евра, по него е претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, со месечни примања од околу 3.322 евра, па следува претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој со 3.000 евра има пониска плата од неговиот албански колега Бегај за 860 евра месечно.
Инаку, годинава нема да има зголемување на функционерските плати, кои пред речиси две години со одлука на Уставен суд беа покачени за 78 отсто. Оваа одлука со месеци предизвикува бурни реакции кај јавноста, особено поради фактот што постоеја големи разлики помеѓу платите на функционерите и оние на работниците кои беа на минималец. Поради тоа од партијата ВМРО-ДПМНЕ, која тогаш беше во опозиција, ветија дека штом ќе дојдат на власт ќе ги стават под мраз платите на функционерите и го исполнија ветувањето.
Со измените на Законот за плата и други надоместоци на избрани и на именувани лица кои беа изгласани во Собранието се намалуваат коефициентите за пресметка на платите и нема да има пораст на функционерските плати. Инаку, платите на функционерите се пресметуваат врз основа на просечната плата за тековната година помножена со коефициентот зависно од позицијата која ја имаат, но и од други бенефиции. Според тоа, функционерите годинава воопшто нема да добијат покачување на плата во јануари 2025 година согласно со растот на годишната просечната плата.
Инаку, платата на премиерот Христијан Мицкоски, според информациите на сајтот на Владата изнесува 140.450 денари (2.280 евра), а исто толку зема и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Платите на останатите министри изнесува 115.540 денари (1.870 евра).
(А.С.)