Македонската фолк-ѕвезда Сузана Гавазова деновиве е во Турција каде што пее на еден тамошен значаен музички фестивал. Поканета е како специјална гостинка на фестивалот „Најдоброто од Румели“, во Истанбул, каде што ќе ја добие престижната нивна музичка награда за „Најдобра пејачка“.
Да се добие таа награда, тоа воедно значи дека добитникот ја шири културата од својата земја, во Турција. За доброто на двете држави!
Гавазова во пријателска Турција беше пречекана како вистинска новооткриена ѕвезда. Со долга лимузина која ја одвезе во ексклузивен хотел. Од лимузината пред настапот излезе директно на црвениот килим, а нејзиното ѕвездено одење по светски познатиот red carpet, беше овековечено од голем број турски папараци. Сузана задоволна, самата изјави дека чувството е фантастично, а таа имала осет како да е холивудска ѕвезда.
Беше облечена во долг и раскошен црн фустан со длабок израз, надополнет со црн корсет специјално шиен за неа. На половината од фустанот носеше црн ремен од сатенска лента кој досегаше до подот, а сè е со логото на познатата македонска модна дизајнерка Елена Лука. Турскиот водител и новинар Јусуф Емини на своите Турци им откри неколку интересни детали за Македонката Сузана Гавазова. Новинарот велеше дека Гавазова е најсексапилна македонска пејачка, многу омилена во родната земја, со грст хитови. Мажена е за љубовта на нејзиниот живот, кој е родум од Босна а, со него има две златни девојчиња.
-Пред некоја година на фестивалот ни пееше босанската ѕвезда Ханка Палдум за околу 4.000 луѓе, а оваа година македонската ѕвезда Сузана Гавазова пред исто толкав број на обожаватели на овој познат фестивал. Со својот настап Гавазова го „згази“ и многу познатиот Дино Мерлин, кој имаше одвај 2.000 луѓе во публиката. „Океј, си реков, како е можно тоа, дали Сузана е можеби за нас Турците сè уште неоткриена мега-ѕвезда?“, длабоко се запраша познатиот турски новинар.
Д.М.