Македонската народна песна „Судбо моја, судбино“, српската музичка поп-ѕвезда Јелена Томашевиќ, ќе ја пее во живо на концерт во Скопје

139

Нестрпливи сме да слушаме!

Српската музичка поп-ѕвезда Јелена Томашевиќ ќе слави 20-годишен јубилеј од својата успешна кариера и тоа со концерт во Скопје на 8 март, Меѓународниот ден на жената. Организаторот на овој настан е продукцијата „Прагма“. Концертот ќе се одржи во Националната опера и балет. И нема да има втор бидејќи самата пејачка не сака „репризи“ на концерти. Во една вечер пее еднаш според своите чувства, бидејќи концертите на Јелена не се кинопретстави.                                                                  Јелена важи за еден од најдобрите женски вокали во популарната музика на просторот од Вардар до Триглав. Најмногу се прослави откако на Евровизија во 2008 година како претставничка на Србија, со песната “Оро“, го освои шестото место. Потоа, хитмејкерот Жељко Јоксимовиќ ѝ направи албум со етно-поп музика, и тие песни и денес се нејзините големи хитови.

Томашевиќ често снима песни и во Македонија! Македонците ги смета за исклучително музикален народ. Таа е сопруга на атрактивниот српски актер Иван Босиљчиќ, со кој ја има 13-годишната ќерка Нина. Јелена најмногу сака да летува во Грција, каде што семејно остануваат и цел месец  во зависност од професионалните обврски.

Томашевиќ ланскиот јануари, во Скопје, на концертот во Македонската филхармонијата доби силен аплауз, а причината е нејзиното моќно пеење на македонската народна песна „Судбо моја, судбино“, а која нам овде ни е одлично позната од репертоарот на славната пејачка Васка Илиева. Оваа песна на Јелена ѝ е многу мила и ја има испеано како преработка на албумот на браќата Тавитјан, „Македонското срце чука во 7/8“.

-„Судбо моја, судбино“ е мојата омилена македонска народна песна. Пак ќе ја пеам и на концертот на 8 март. Оние кои ми ја следат кариерата одлично знаат дека почнав како пејачка во КУД ‘Абрашевиќ‘ и отсекогаш ја негувам изворната музика, и српската и македонската, вели убавата Јела, како што нагалено ја викаат.

Треба да се знае и тоа дека извонредната поп-балада „Утро“ (Јутро) на Меѓународниот фестивал „Охрид фест“ ја доби ексклузивната награда „Песна за сите времиња“. Со оваа награда Томашевиќ посебно е горда и им се заблагодарува и на организаторите, на новинарите, на публиката, на директорите кои гласале наградата да ѝ припадне нејзе.   Д.М.

 

ИЗДВОЕНИ