Над 10 милиони евра му се исплатени на унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Визер“ од македонската Влада, како финансиска поддршка за воведување нови авиодестинации од Скопскиот и од Охридскиот аеродром. Овие средства се исплатени од 2012 до 2021 година, во три последователни договори склучени со унгарската авиокомпанија.
Така, во првата година од субвенционирањето, на „Визер“ му се исплатени 25,6 милиони денари, наредната 2013 година – 75,4 милиони денари, а 135 милиони во 2014 година. Финансиската поддршка во 2015 година изнесуваше 40 милиони денари, а во 2016 и во 2017 година беа исплатени по околу 104 милиони денари. Во 2018 година, износот што го доби „Визер“ изнесуваше 43,8 милиони, а во 2019 година – 66,5 милиони.
Во 2020 г., износот на исплатени средства за субвенционирани летови беше 21 милион денари, во 2021 година 10,4 милиони, а во 2022 година не беа исплатени средства. Во текот на короната, договорот беше суспендиран, поради што во 2020 и во 2021 се исплаќаа средства за остварени приходи од 2019 година.
Последниот од трите договори со „Визер“ заврши на 1 март 2022 година, по што претходната Влада го промени моделот за финансиска поддршка, отворајќи можност да се склучи договор со повеќе авиокомпании. По првиот неуспешен повик, беше објавен нов повик и на 13 април 2023 година беа склучени два договора – едниот со „Визер“ за летови од Скопје до Луксембург, Штутграт, Салцубург и до Љубљана, како и со „Луфтханза“ за нова авиолинија од Скопје до Франкфурт. За оваа намена беа определени 1,1 милион евра или вкупно пет милиони евра за тригодишната програма.
Владата одлучи да ја продолжи практиката да исплаќа финансиска поддршка за воведување нови дестинации од двата домашни аеродрома за периодот 2025-2027 година, но овој пат со променети услови – субвенциите ќе се доделуваат од дестинација, а не како досега – на авиокомпанија. Кон крајот на минатата недела беше објавен јавен повик и до 7 октомври, до 10:00 часот, ќе можат да се доставуваат барања во архивата на Министерството за транспорт.
Финансиската поддршка ќе се доделува согласно со критериумите за рангирање на новите дестинации според редоследот: период на оперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, како и број на седишта понудени на продажба.
Согласно со овие критериуми, македонската Влада ќе плаќа 9 евра во денарска против вредност од патник во доаѓање, превезен од Меѓународниот аеродром „Скопје“, а 12 евра во денарска противвредност од патник во доаѓање, превезен од аеродромот „Свети Апостол Павле“ – Охрид. Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром „Скопје“ и од „Свети Апостол Павле“ во Охрид, не треба да биде опслужувана во редовниот превоз во последните две IATA-сезони.
Авиопревозникот што ќe биде избран за корисник за финансиска поддршка е должен да ја опслужува секоја нова дестинација воспоставена до/од аеродромите во Скопје и во Охрид, за која се доделува оваа финансиска поддршка, најмалку два пати неделно во секоја од IATA- сезоните, според однапред утврден ред на летање, да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации, како и да доставува извештај до Министерството за транспорт, на секои шест месеци.
Пред една недела, Владата усвои сет мерки за зголемување на бројот на патници на аеродромите и најави нова тригодишна програма за финансиска поддршка, која ќе започне од 1 јануари 2025 година. Зголемена е поддршката од 7 евра за превезен патник од Скопскиот аеродром на 9 евра и од 4,5 евра на 12 евра на Охридскиот аеродром за превезен патник.
Со промените во доделувањето субвенции, според министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, се решава проблемот со зависноста од една авиокомпанија. Токму тоа, според него, е причината за намалувањето на патници од Скопскиот и од Охридскиот аеродром од над 330 илјади патници годинава, поради проблемот кој го има „Визер“ со сопствените авиони и кој на ниту еден начин не е поврзан со состојбата во земјава.
Може да аплицираат сите заинтересирани авиокомпании што поседуваат уверение за исполнување на безбедносните услови за вршење јавен воздушен превоз, имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година и имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година.
Во рамките на тригодишната програма, за оваа намена се предвидени средства во висина од 360 милиони денари или за 2025 година се наменети 110 милиони денари, а во следните две години по 125 милиони денари. Досега финансиски се помагаше „Визер“ за летови само од Европската Унија, а со сегашниот јавен повик е овозможено и од други земји, со што министерот Николоски очекува да бидат привлечени патници и од Блискиот и од Далечниот Исток.
Со ваквите новини, очекувањата на Владата се бројот на патници следната година да се зголеми за најмалку 200 илјади, односно да се вратат патниците што летаат од Тирана или од Приштина, поради значително пониските цени од оние кај нас.
Доставените барања ќе ги разгледува комисија за спроведување на постапката за доделување финансиска поддршка, составена од номинирани претставници на Министерството за транспорт, Министерството за култура и туризам и на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
(С.Бл.)