Останува монополот на АД „Македонска пошта“ за поштенските услуги за пратките за кореспонденција и за пратките со директна пошта, со тежина до 50 грама, иако требаше од 1 јануари годинава да се случи либерализација на поштенскиот пазар. Со измените на Законот за поштенски услуги, либерализацијата е одложена до денот на пристапување на Македонија во Европската Унија.

Агенцијата за пошти го обнови барањето до АД Пошта за дефинирање на разликите меѓу различни писма или пратки што се испраќаат преку државната компанија со цел подобрување на услугите кои ги обезбедува во домашниот сообраќај. Исто така, ја задолжи АД „Македонска пошта“ веднаш и без одлагање да дефинира класи на поштенските услуги за писмата во внатрешен сообраќај, според критериумот брзина – време потребно за услугата од почетокот до крајот на внатрешниот сообраќај и писмено да го извести регулаторот.

Агенцијата за пошти направила вонредни контроли кај приватни поштенски оператори, по пријави од АД „Македонска пошта“, која приговарала за нелојална конкуренција со неовластено користење УПУ поштенски обрасци при размената на поштенски пратки што доаѓаат во државата од меѓународниот сообраќај и барала надзор над двата даватели на поштенски услуги.

– Од март 2024 година, кога започна во Македонија интензивен увоз на пратки од кинески е-платформи, Агенцијата за пошти, по службена должност, започна постапки за двајца приватни даватели на поштенски услуги. Спроведени се контроли и кај давателите на услуги и е констатирано дека пратките во доаѓање во државата влегуваат обележани од унгарскиот национален оператор „Маѓар пост“, без можност домашниот приватен оператор да влијае на тоа – појаснуваат регулаторите.

Во интерес на примателите, Агенцијата го задолжила едниот оператор да става дополнителни ознаки на пратката, а при дополнителни контроли, утврдила дека веќе не пристигнуваат вака обележани пратки кај еден од операторите. Воедно, утврдила дека и кај вториот приватен оператор од септември не стигнуваат пратки со УПУ поштенски обрасци, но ќе продолжи со постапката за мониторирање на приватните оператори.

ИЗДВОЕНИ