„Улогата на Законот за употребата на македонскиот јазик и на инспекторатот, освен да се спроведува надзорот и да се казнат оние кои не го почитуваат, е и да се вработат лектори, за да не дозволиме да слушаме нестандарден јазик од медиумите кои се присутни во сечиј дом“, рече претседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска

„Секогаш е актуелно да се зборува за македонскиот јазик, така што секој миг е добар и е добро избран. Од тие причини, се собравме специјалисти од разни области да подискутираме за состојбата на македонскиот јазик, за статусот на македонскиот јазик, каде што можеме да откриеме и напредоци во некои области, но во некои области имаме дури и уназадување. Мислам дека имаме напредување во развојот, но и во збогатување на јазикот, како и во неговото изучување. Во однос на уназадување би го споменал статусот на македонскиот јазик во јавната употреба, каде што многу пати гледаме примери како се става во втор план, па дури и се игнорира на некои јавни простори. Ова секако дека нè загрижува и тука ние специјалистите треба да го кажеме нашиот збор и треба да се слушне нашиот збор“, изјави академик Витомир Митевски, пред почетокот на научната трибина „Статусот на македонскиот јазик – состојби и перспективи“ одржана денеска во Македонската академија на науките и уметностите.

За перспективата на нашиот јазик, академикот рече дека сè додека се живи оние кои го говорат, тој не може да биде загрозен.

„Не може да биде загрозен додека се живи оние кои го говорат македонскиот јазик. Јазикот ќе биде жив, а јас мислам дека ќе даде Господ да траеме сите како народ и како заедница“, додаде Митевски.

Претседателката на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, изјави дека е особено важно да се имплементира Законот за употреба на македонскиот јазик. Околу формирањето на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик, пак, таа посочи дека веќе е објавен конкурсот за избор на директор на инспекторатот и дека постапката е во тек.

„Постапката е во тек, не знам дали е завршена. Така што ќе се формира инспекторатот и ќе може да се започне со воведување на Законот за употреба на македонскиот јазик“, рече Груевска-Маџоска.

Истакна и дека инспекторатот има надлежност да спроведува инспекциски надзор и да казнува, како што е предвидено, согласно со Законот за употреба на македонскиот јазик.

„Употребата на нестандарден јазик во медиумите и незапазување на стандардната норма во преводите, укажува на негрижа за македонскиот јазик. Токму тоа беше причината зошто се донесе Законот за употребата на македонскиот јазик, да се стави ‘ред во безредието’. Во однос на медиумите, иако можеби во информативните и документарните редакции се внимава повеќе на употребата на стандардниот јазик, но во емисиите од забавен карактер можеме да кажеме дека воопшто не се внимава. Улогата на Законот за употребата на македонскиот јазик и на инспекторатот, освен да се спроведува надзорот и да се казнат оние кои не го почитуваат, е и да се вработат лектори, за да не дозволиме да слушаме нестандарден јазик од медиумите кои се присутни во сечиј дом“, рече Груевска-Маџоска.

Да потсетиме, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, одговарајќи на прашање за Законот за употребата на македонскиот јазик неодамна изјави дека: „Процедуралните измени на Законот за употребата на македонскиот јазик, откако Министерството за култура прерасна во Министерство за култура и туризам се завршени, а во согласност со новиот Закон потпишани се и лекторските лиценци. Со тоа биле исполнети условите Владата на С Македонија на 24 февруари 2025 г. да го објави јавниот оглас за избор на директор на Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик. Во согласност со Законот, со именувањето на директорот треба да започне и работата на Инспекторатот.“

Лингвистот Марјан Марковиќ, пак, рече дека како последица на развојот на македонскиот јазик има над 56 говори, но порача дека стандардниот јазик мора да се употребува во јавната комуникација согласно со Законот.

-Секако, не дека не би се разбрале луѓето, но секогаш мора да има нешто што го нарекуваме стандард и што ги обединува сите говорители, на сите говори. Во популарната култура дијалектите понекогаш ни се убави и интересни како читатели, но сепак во јавната комуникација, особено во политичкиот дискурс, апсолутно мора тоа да биде на повисоко ниво, односно да биде употребен стандардот“, рече Марковиќ.

Говорејќи за дијалектите во државата, напомена дека статусот на македонските дијалекти во меѓународната научна средина не само што е рамноправен, туку е и високо ценет, поради своето богатство и разнообразност.

ИЗДВОЕНИ