Македонија со шестмина атлети на Специјалната Олимпијада во Торино

52

Министерот за спорт, Борко Ристовски, организираше прием  за македонските атлети и за делегацијата од Специјална олимпијада на Македонија пред нивниот настап на Специјалните олимписки светски зимски игри „Торино 2025“, кои ќе се одржуваат од утре и ќе трае до 16 март 2025 година.

Македонската делегација, составена од талентирани атлети, тренери и од официјални лица, ќе ја претставува Македонија на ова големо спортско натпреварување, кое ќе собере над 1.500 атлети од 102 земји во светот.

Мотото на Олимпијадата е „Дозволи ми да победам, а ако не можам, дозволи ми да бидам храбар во обидот“.

Ристовски им посака успешен настап на македонските атлети на овој глобален спортски настан и изрази безрезервна поддршка.

– Резултатите се најмалку важни, важно е да учествувате и да ја претставувате државата респектабилно. А, сите ние заедно да се обидеме да го направиме овој наш свет, кој е малку чуден, подобро место за живеење и да ги приближиме овие наши атлети, наши пријатели, до нормално спортување и нормално функционирање во општеството. Секогаш, во кое било време и на кој било начин, ќе бидам од помош за нив. Овие атлети заслужуваат многу повеќе и внимание и грижа од она што го добиваат моментално – рече Ристовски.

Атлетите што ќе ја претставуваат нашата земја се: Фатмире Бајрамоска – крос-контри скијање, Албан Бајрамоски – крос-контри скијање, Илина Георгиева – спортски танц, Стефан Трпковски – спортски танц , Матеј Аларов – алпско скијање, Себаат Ајвази – алпско скијање

 

Министерот најави дека Специјална олимпијада на Македонија ќе добие приоритет во исплатата на финансиските средства што доаѓаат како помош од државата за спортот.

– Од наша страна, она што го најавивме како финансиска поддршка ќе биде исплатено во текот на наредната недела. Ќе направиме исклучок, исплатата ќе биде само за вашата национална спортска федерација за да не ве оставиме да чекате кога ќе ги добијат средствата другите федерации. Ова ќе биде само почеток. Сакам да изградиме однос на меѓусебно почитување за да почувствуваат овие наши атлети дека се еднакви во општеството и во спортот – нагласи Ристовски.

На Специјалните олимписки светски зимски игри „Торино 2025“, нашите атлети ќе се натпреваруваат во алпско скијање, крос-контри скијање и во спортски танц, демонстрирајќи ги своите талент, посветеност и спортски дух. Делегацијата ќе биде предводена од Драган Караџовски како шеф на делегацијата, проф. Јован Јовановски како главен тренер за алпско скијање, проф. Ермонд Мифтари како помошен тренер за алпско скијање, проф. Илија Клинчаров како главен тренер по крос-контри скијање и проф. Катерина Јолакоска како главен тренер за спортски танци. Атлетите што ќе ја претставуваат нашата земја се: Фатмире Бајрамоска – крос-контри скијање, Албан Бајрамоски – крос-контри скијање, Илина Георгиева – спортски танц, Стефан Трпковски – спортски танц , Матеј Аларов – алпско скијање, Себаат Ајвази – алпско скијање.

– Најголемата благодарност упатувам, пред сè, до нашите атлети и до нивните семејства, кои со своите посветеност и труд се симбол на вистинскиот олимписки дух. Благодарност и до сите наши соработници и општествено одговорни компании за поддршката што ни ја дадоа во подготовките за „Торино 2025“. Без нивната помош, ова патување немаше да биде можно. Со заеднички сили, продолжуваме да создаваме можности за лицата со интелектуална попреченост и да ја градиме инклузивната спортска заедница, која ја заслужуваме – истакна претседателката на Специјалната олимпијада на Македонија, Моника Бошкоска.

Во рамките на Игрите, делегацијата на Специјалната олимпијада на Северна Македонија ќе биде дел и од глобалниот самит за лидерство на младите, програмата „Здрави атлети“ и други инклузивни иницијативи, со што ќе ја промовира важноста на спортот како средство за социјална инклузија.

ИЗДВОЕНИ