Македонската олимписка делегација отпатува со само шестмина олимпијци на Игрите во Париз, што е речиси најмал број во однос на регионалните земји. Помалку од нас, кога е Балканот во прашање, има само Босна и Херцеговина – петмина!

Од нашава земја, во Франција ќе настапат: пливачот Никола Ѓуретановиќ (400 метри слободно), кој доби вајлд-карта од Светската пливачка федерација (ФИНА); борачот Владимир Егоров (до 57 килограми, слободен стил), златен од ЕП 2022 во Будимпешта, кој ќе настапи со олимписка А-норма; таеквондистката Милијана Рељиќ; џудистот Еди Шерифовски; стрелачката Анастасија Мојсовска и атлетичарот Дарио Ивановски, кој ќе настапи на маратонската трка на 10 август. Покрај спортистите, Македонија на ЛОИ ќе ја претставуваат и судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов (ракомет), Иван Михајловски (триатлон) и Анета Павловска (тенис).

Но, нашата земја е како мало дете во однос на другите земји од регионот. Србија ќе биде најбројна на Олимпијадата во Париз во однос на земјите од поранешна Југославија. Српскиот олимписки тим ќе брои 112 спортисти, од кои 69 мажи, другите се дами. Воедно, тие се единствената земја со трицифрен број учесници на претстојното најголемо шоу во Париз од овие простори.

Исто така, барем според српските медиуми, нашиот северен сосед верува дека ќе успее да ги надмине деветте медали, од кои три златни, од претходните Игри, а најголем адут за најблескавиот медал им е, секако, Новак Ѓоковиќ, кому му недостига во кариерата само олимпиското злато.

За разлика од нив, кај нас „песната“ е поинаква. Ако сакаме да имаме поуспешна Олимпијада од минатата, од шестемина олимпијци, најмалку двајца ќе мора да се закитат со медал, бидејќи на минатите Игри Македонија се радуваше на среброто на таеквондистот Дејан Георгиевски. Кај нас, најголема верба за освојување медал влеваат борачот Владимир Егоров и таеквондиската Милијана Рељиќ.

Зад Србија, по бројот на учесници од регионов, е Словенија, со рекорден број натпреварувачи на Летните олимписки игри во историјата на земјата. Дури 90-мина спортисти од Словенија го исполнија олимпискиот стандард и ќе се борат за медали.

Трета на оваа листа е Хрватска, која овој пат испраќа 73 натпреварувачи на Олимписките игри.

Кога веќе ја споменавме БиХ, во нејзината делегација има едно златно девојче, малата Лана Пудар, која годинава собори неколку рекорди во јуниорска конкуренција, а воедно важи и за главен адут да ѝ ја замати водата на конкуренцијата во Париз.

Интересно е што Србија ќе има ист број натпреварувачи во Париз како Хрватска, Албанија, Северна Македонија, Црна Гора и БиХ заедно.