Македонската кошаркарска репрезентација до 18 години се закити со титулата на Европското првенство – Б дивизија што се одржуваше во Скопје, откако победничката серија ја продолжија и во финалето против Австрија, триумфирајќи со 98:88. Со победата, оваа генерација кошаркари по две години повторно се враќа во европската елита.

За младинските селекции на Македонија ова беше четврто финале во натпреварувањата од Б-дивизијата и прв трофеј. „Црвено-жолтите“ одиграа храбро и мотивирано, потврдувајќи ја својата класа со седмиот триумф во низа како јасен доказ за апсолутната доминација.

Сосема заслужено признанието МВП го доби лидерот на оваа генерација Никола Јаничиќ, кој во финалето постигна 30 поени. Во идеалната петорка, покрај него, е избран и Марко Луканоски.

Покрај Македонија и Австрија, промоција во А-дивизија обезбеди и селекцијата на Бугарија која во мечот за третото место ја совлада Полска со 85:64.