Кошаркарската репрезентација на Македонија од вториот шешир ќе ги чека противниците за претквалификациските групи за Светското првенство во 2027 година, а извлекувањето на групите ќе се одржи на 14 март.
Репрезентациите ќе бидат извлечени во четири групи, а двете најдобри селекции од секоја група ќе се пласираат во евроквалификациите. Тие ќе им се приклучат на останатите 24 репрезентации кои ќе учествуваат на овогодинешниот Евробаскет, за кој македонската кошаркарска репрезентација не успеа да се пласира. Секоја екипа ќе одигра по четири натпревари, два дома и два на гости, а овие натпревари ќе се одиграат во периодот од 2. до 13. август годинава.
Инаку, во првиот шешир сосема очекувано се фаворити како Хрватска и Бугарија, како и Унгарија и Украина, додека во нашиот, втор шешир се Холандија, Данска и Словачка, со кои не можеме да вкрстиме. Во третата група се селекциите на Швајцарија , Романија, Австрија и Норвешка.