Македонија прва ќе го добие предфинансирањето од Планот за раст

398

По успешната подготовка на Реформската агенда на земјата, Македонија е првата земја што ќе го добие предфинансирањето предвидено со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан. Како што соопштија од Делегацијата на ЕУ во Скопје, во тек е предфинансирањето во износ од 52,2 милиони евра и е наменето за поддршка на спроведувањето на Реформската агенда и обврските што земјава ги презеде со неа.

 -Со ова предфинансирање, Северна Македонија ќе добие 24,5 милиони евра за државниот буџет како поддршка за спроведување на реформите предвидени со Реформската агенда, додека 28 милиони евра ќе бидат инјектирани директно во WBIF (Инвестициска рамка за Западен Балкан) и ќе се користат за инфраструктурни проекти во Северна Македонија. Потребните структурни промени во Северна Македонија ќе бидат поддржани со вкупно 750,4 милиони евра од Фондот за реформи и раст за Западен Балкан во периодот 2024 – 2027 година, со фокус на приоритетите во јавната администрација, владеење на правото и антикорупција, декарбонизација и дигитализација, поврзување и развој на човечкиот капитал, стои во соопштението.

Од Делегацијата потсетуваат дека процесот на интеграција во ЕУ бара збир на реформи што ќе доведат до забрзана социо-економска конвергенција со Европската унија и нејзиниот единствен пазар. Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан има за цел забрзана интеграција на регионот во ЕУ, вклучувајќи прогресивен пристап до единствениот пазар на ЕУ.

 -Планот е поддржан со нов финансиски инструмент заснован на испорачаните резултати, Фонд за реформи и раст за Западен Балкан. Се состои од вкупно до 6 милијарди евра за периодот 2024-2027 година, од кои 2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра поволни заеми. Најмалку половина од целокупната програма ќе биде поддршка на инфраструктурни инвестиции и поврзување, вклучувајќи транспорт, енергија и зелени и дигитални транзиции. Останатиот дел од заемите ќе бидат пуштени како директна поддршка на националните буџети и наменети за спроведување на реформите, велат од Делегацијата.

За користење на фондот, секоја земја требаше да подготви реформска агенда, која е консултирана, оценувана и одобрена од Европската комисија по позитивната оценка од Советот на ЕУ. Пуштањето на средствата предвидени за секоја земја ќе биде условено со успешно спроведување на реформските агенди. Реформската агенда е алатка која има за цел да обезбеди имплементација на неопходните реформи кои ќе овоможат општествена трансформација преку забрзување на усогласувањето на приоритетните области со вредностите, политиките и практиките на ЕУ.

ИЗДВОЕНИ