Македонската таеквондистка, Милијана Рељиќ, на последните седум турнири освои пет медали, па со тоа со право нè уверува дека токму таа е најблизу до медал за Македонија кога се претстојните Олимписки игри во Париз во прашање. Желбата е голема, но и реална, со оглед на тоа што таеквондистката доведе до совршенство одредени техники со кои драстично отстапува од другите натпреварувачки, особено со кондициската подготвеност, каде што е меѓу петте најдобри во светот во женска конкуренција. Последниот златен медал го освои на Европското клупско првенство во Тирана (Албанија).

  • Изминатиов период бев максимално фокусирана на Олимписките игри. Бевме на 15-дневен тренинг-камп, каде што работев со три-четворица натпреварувачи, техники што ми се потребни за Олимпијадата, односно тренинзите беа специјализирани само за мене. Сега ќе го дадам својот максимум да дојдам до толку посакуваниот олимписки медал – истакна Мила Рељиќ за весникот ВЕЧЕР.

За нејзината фаворитска улога зборуваше нејзиниот тренер, Александар Ефтимов.

  • Формата на Мила е на високо, завидно ниво. На сите турнири на кои бевме изминатава година, победивме натпреварувачки што се на самиот врв од светската ранг-листа. Гледајќи ги нејзините техники и нејзината сила и, пред сè, тајмингот за нејзино поентирање, како и искуството што го стекна, ми дава огромна надеж дека можеме да стигнеме до медал на Игрите во Париз – додаде Ефтимов.

Македонија ќе се појави во Париз со само еден натпреварувач во овој спорт откако сребрениот олимпиец од минатите Игри во Токио, Дејан Георгиевски, не успеа да обезбеди норма за Париз. Но, македонските таеквондисти изминативе години даваат надеж за големи дострели во иднина.

  • Навистина ми е жал што Дејан не успеа да обезбеди норма за многу малку, меѓутоа за следните Игри во Лос Анџелес искрено се надевам дека ќе имаме повеќемина претставници кога е такевтондото во прашање – заврши тренерот на Мила Рељиќ.

Својот настап Мила ќе го има на 8 август, за кога се закажани борбите во категоријата до 57 килограми.

Кристијан ТРАЈКОВСКИ