Ако денот по утрото се познава, македонската кошаркарска репрезентација ја очекува „невозможна мисија“ за пласман на Евробаскетот во 2025 година. Нашата сениорска селекција претрпе убедлив пораз (67:82) на домашен терен во СРЦ „Кале“ од Литванија, која во Скопје пристигна со втор, односно трет состав.
ФОТО: Петр Стојановски
Избраниците на селекторот Александар Јончевски очајно го стартуваа мечот, имаа несфатливи потези во кои топката им испаѓаше од рака, а немавме ниту една статистичка категорија на наша страна (шутеви за три – 0/5 за нас, 3/6 за гостите, скокови 9-11, слободни 1/3 – 6/6…). Со оглед на тоа, нашата селекција првиот дел го заврши со негатива од 14 поени (9:23).
Ниту вториот дел не започна најдобро за нас, па противникот за само неколку минути дојде до највисоки 35:12 (+23), како да сакаше да покаже која е разликата во лигите, нашата со литванската, бидејќи во составот и двете селекции имаа кошаркари претежно од своите национални првенства. На полувреме се замина со 44:27 во корист на гостите.
Сепак, во третиот и четвртиот период Литванците кренаа „рачна“, па на теренот свои моменти имаа и нашите кошаркари, кои во неколку наврати намалија на пристојни 11, за на крај конечниот резултат да гласи – 67:82.
За четири дена нашата селекција повторно ќе ги одмери силите против Литванија, но овој меч ќе го одиграме на гости.