Под влијание на голем влажен бран од југ и од југозапад кој ќе навлезе во Македонија, како и поради продорот на многу поладен воздух од север, од овој викенд, односно од утрешната ноќ, кон недела, како и во недела, но и во почетокот на следната седмица обилни врнежи од снег ќе има во целата Македонија, па така насекаде ќе се формира снежна покривка, пишува Метеоаларм.
На повеќе места снежната покривка ќе биде значителна, со висина од 10 до 20 сантиметри, локално до, па и над 30 сантиметри (во градовите), додека на планините, како и на Скијачките центри се очекува нов снег со висина од 50 сантиметри, па дури до околу еден метар. Сето ова ќе биде проследено со повремено засилен ветер од северен правец, кој ќе услови да има појава на снежни наноси.
Со овој голем снежен и ладен бран, снег и формирање на снежна покривка ќе има и во Скопската котлина, секако и во околината, и тоа со висина од 10 до 15 сантиметри, а на околните планински места, како и во повисоките предели од котлината таа ќе биде значително поголема, а сето ова ќе биде проследено со засилен ветер од северен правец.
Што се однесува до температурите, тие значително ќе опаднат и тоа за повеќе од 10 степени во споредба со сегашните, па така на многу места од овој викенд, како и во текот на следната седмица ќе се спуштаат под нулата, локално и длабоко под нулата, особено следната седмица кога температурите ќе се спуштаат до близу -15 степени наутро. Многу студено ќе биде и преку ден кога температурите на многу места во Македонија ќе се движат до околу, па и под нулата, само во југоисточните предели температурите ќе се искачуваат за неколку степени над нулата.