Македонија, среде февруари, повторно е под снежна покривка. Снегот почна да вее утрово, но на некои места престана по неколку часа, но и покрај тоа остатоците предизвикаа сообраќајот да се одвива во зимски услови, а на места по влажни коловози.
Врнежи од снег со слаб интензитет се бележат на патните правци Крива Паланка – Страцин и Тетово –П. Шапка, а поради појава на магла, имаше намалена видливост на планинскиот премин Стража и во Маврово. АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони.
Снегот во Скопје предизвика сериозни проблеми во сообраќајот. Најзагрозено беше во Автокоманда, каде што за краток период се случија три сообраќајни несреќи. Според првичните информации, во судирите учествувале неколку возила, а лизгавите и влажни коловози значително ја отежнале контролата на возилата, што придонело за настанување на несреќите.
Носењето зимска опрема за возилата е задолжително од 15 ноември 2024 година и тоа ќе трае до 15 март годинава.
Дека зимата не се предава, покажуваат и прогнозите на синоптичарите. Под влијание на руски поларен, но сув воздух, од среда 19 февруари, па во деновите потоа ќе имаме разведрување на времето, како и исклучително ниски температури на воздухот, особено наутро, кога тие насекаде ќе се спуштат под нулата, а на повеќе места близу, па и под -10 степени, додека во Беровскиот Регион, во повисоките населени места, планините, како и во скијачките центри, тие ќе се спуштат и под -15 степени.
– Прекуден, исто така ќе биде ладно. Тогаш температурите ќе се спуштат во интервалот од -2 до 7-8 степени во југоисточните предели на Македонија – пишува „Метеоаларм“.
Што се однесува до Скопскиот Регион, со овој поларен руски бран, наутро температурите ќе се спуштат до околу -7/-8 степени, а прекуден тие ќе се искачат до 5-6 степени.
Токму поради овој продор на рускиот поларен воздух кај нас, насекаде ќе имаме појава на силен мраз, особено во ноќните и во утринските часови.