Македонските боксери Ален Рустемовски (до 75 кг) и Ружди Рустемовски (до 60 кг), од клубот БК Пелистер јунак, освоија златни медали во сениорска конкуренција на Балканското првенство во Лозница (Србија). Тие продолжија по патот на Аце Русевски, Реџеп Реџеповски, и по 30 години освоија златни медали за Македонија во сениорска конкуренција.
Во финалната борба Ален Рустемовски го победи Украинецот Денис Роздолски со 4:1, додека Ружди Рустемовски по жестока борба славеше против домашниот претставник Стефан Чамовиќ со поделена одлука на судиите.
Ален во финалето прикажа бескомпромисна и жестока борба против многу добриот Украинец, додека Ружди како и во полуфиналето боксуваше тактички против домашниот боксер Стефан Чамовиќ, со кого и добро се познава. Мечот беше изедначен, одлучуваа нијанси, а нашиот боксер победи со поделена одлука на судиите.
Од семејството Рустемовски, и третиот брат Ардијан, во категоријата младинци, освои сребрен медал, откако во финалето загуби од Украинецот Максим Зименко.
Претходно бронзен медал освоија: Ебуталип Агушев, Лука Трифуновиќ, Тарик Весели, Димитар Ѓорески, Наум Стојаноски и Енис Алиу.