Со голема благодарност до сојузниците од Северноатлантската алијанса, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, го започна своето обраќање на работната средба со амбасадорите на земјите членки и партнери на Алијансата, по повод петгодишнината од членството на Македонија во НАТО. Муцунски ја потенцираше подадената рака за итно згрижување на младите пациенти настрадани во трагичниот пожар во кочанската дискотека, каде што загинаа 59 млади лица, а повеќе од стотина беа повредени. Министерот истакна дека брзиот одговор од сојузниците ја покажа силата на солидарноста, која е главната карактеристика на НАТО сојузот, а која во овој случај беше демонстрирана од сè срце.
-Овој случај уште еднаш ја покажа важноста на солидарноста која треба целосно и заеднички да ја негуваме како наш главен столб во нашите односи. Ви благодариме уште еднаш за сета поддршка и изразите на сочувство за еден од најтешките моменти за нашата земја. Од наша страна, како Влада, веќе ги преземаме сите неопходни мерки за целосно истражување на случајот, вклучително и изнесување на сите инволвирани лица кои придонеле да се случи ваквата трагедија, пред судските органи. Како Влада определени сме одлучно да се бориме со корупцијата и сите девијантни појави чија цел е да го ослабат и нарушат нашиот систем. Тоа нема да го дозволиме, порача Муцунски.
Во обраќањето, тој истакна дека како членка на НАТО, заедно со сојузниците ја градиме нашата иднина и се справуваме со безбедносните предизвици свесни за новата реалност. Министерот посочи дека од моментот на осамостојувањето, како општество, заеднички се определивме за евроатлантските и европски интеграции, кои за нас претставуваат не само стратешка цел, туку и извор на внатрешна кохезија и мотивирачка енергија. Потсети дека земјава на патот кон НАТО се соочив со многу предизвици, но тоа, рече, не беше пречка за исполнување на нашите цели кои широко беа поддржани од граѓаните во земјата и од политичкиот естаблишмент.
-Нашето членство во НАТО внесе оптимизам и има позитивни импликации врз регионот. Во соработка со нашите соседи заеднички придонесовме во создавањето на нова политичка динамика заснована на добрососедска интеракција, која има за цел да го претвори регионот во синоним на стабилност, развој и економски просперитет. Ова е нешто на што се гордееме и се стремиме да го продолжиме. Денеска имаме можност како земја членка на НАТО да придонесеме кон градење на политичка и безбедносна стабилност, не само за нас, туку и за регионот и Европа, каде што природно припаѓаме. Заедно со вас сојузниците, заеднички ја градиме нашата иднина и заедно се справуваме со безбедносните предизвици со кои се соочува европскиот континент, а кои имаат и глобални импликации, рече Муцунски.
Три константи – НАТО, ЕУ и САД
Шефот на дипломатијата потврди дека во македонската надворешна политика има три константи – полноправното членство во НАТО, како кредибилен сојузник во Алијансата, целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и нашето стратешко партнерство со САД, кои, рече, целосно кореспондираат со нашиот национален интерес и сите одлуки кои што ги носиме се вклопени во таа рамка и се усогласени со нашите национални интереси. Во однос на зголемените растечки закани и предизвици, рече дека е потребна подготвеност за колективен одговор и одбрана како и засилена соработка и координација, меѓу членките на сојузот заедно со нашите стратешки партнери.
-Новата реалност налага секој од нас да го преземе својот дел од товарот и преку зајакнато инвестирање во сопствените одбранбени капацитети да придонесе во зајакнување на колективната способност за одвраќање и одбрана. Препознавајќи ја потребата за зајакнување на источното крило на НАТО, силите на нашата армија се во состав на воспоставените команди на НАТО во Бугарија, Романија и Латвија. Регионално, имаме зајакнато присуство со наши сили во рамките на силите на КФОР на Косово и во мисијата на ЕУ Алтеа во БиХ, потенцира шефот на дипломатијата.
Министерот истакна дека Македонија останува посветена да продолжи да издвојува 2 отсто од БДП за одбраната, од кои 32,35 отсто ќе бидат наменети за опрема и модернизација.
Осврнувајќи се на конфликтот во Украина, Муцунски рече дека неговите импликации се глобални, а ја потенцираше и целосната поддршка што ја дава земјава за воспоставување праведен и одржлив мир.
-Минатиот месец, беше одбележана тригодишнината од руската воена агресија врз Украина, која за жал, остави стотици илјади жртви, принуди милиони да ги напуштат своите разрушени домови. Ќе се согласите дека импликациите не се само регионални, туку и глобални, директно засегајќи ги политичките, економските и безбедносните односи. Денеска, повеќе од било кога, важно е да го демонстрираме нашето трансатлантско единство меѓу нас сојузниците, заедно со партнерите. Нашата држава дава целосна поддршка на напорите и конкретните дипломатски активности за воспоставување праведен и одржлив мир, нагласи Муцунски.
Европа да преземе одговорност и за Западен Балкан
Тој порача дека во услови на новата реалност, Европа мора да преземе поголема одговорност вклучително и за овој регион, а и самиот регион да го даде својот дел за стабилноста и просперитетот. Порача дека процесот на интеграција се докажа како најдобра алатка за подобрување на безбедноста, постигнување на одржлива стабилност и затворање на вакуумот за дестабилизирачки влијанија.
-Како одговорна Влада целосно ја разбираме потребата дека Европа мора да преземе поголема одговорност вклучително и за овој регион. Сметам дека ние во Западен Балкан мора да покажеме поголема свесност и да ја разбереме новата реалност. Тоа подразбира соодветно да придонесеме за таа нова реалност и да го дадеме нашиот дел. За нас е особено значајно што НАТО и ЕУ го препознаваат стратешкото значење на овој регион, и го поздравуваме зголеменото присуство на двете значајни организации во напорите да се осигури натамошната стабилност и просперитет на регионот. Неодамнешната посета на Генералниот секретар на НАТО, заедно со членовите на Северноатлантскиот совет на БиХ и на силите на КФОР на Косово, е јасна демонстрација на оваа посветеност и заложбите за стабилност и безбедност. Верувам дека имаме заедничка одговорност да се справиме со злонамерните активности чија цел е да продуцираат нестабилност и да го оттргнат регионот од неговиот европски и евроатлантски пат, истакна Муцунски.
Македонија на 27 март 2020 година стана 30-та членка на Алијансата, под новото уставно име со придавката Северна, откако две години претходно претставници на владите на Македонија и Грција го потпишаа Преспанскиот договор. Изнаоѓање решение за деценискиот проблем околу името на државата беше услов за покана за членство во Алијансата уште од НАТО самитот во Букурешт во 2008 година, кога Македонија извиси.
Со зачленувањето во Северноатлантската алијанса, земјава реализираше една од нејзините стратешки цели која е зацртана и во Резолуцијата што Собранието ја усвои во 1993 година, а уште е блокирана на патот кон втората стратешка цел – членството во ЕУ, поради ветото од уште еден сосед, овој пат од Бугарија и нејзините барања за внес на бугарското малцинство во Македонија во Преамбулата на Уставот. (В.С.Н.)