Терминалот за течен природен гас „Александрополис“ е еден од најважните енергетски проекти на европско, регионално, национално и локално ниво, дизајниран, изграден, во сопственост и управуван од „Гастрејд“.

АД ЕСМ закупи 10%, односно 500 милиони нормални кубни метри гас од вкупниот капацитет на терминалот. Годишната потрошувачка на гас, кај нас изнесува приближно 400 нормални кубни метри, што говори дека државата со обезбедувањето на тоа количество од „Александрополи“ и со интерконекторот со Грција ќе обезбеди трајна и безбедна набавка на неруски гас. Ова е важно и заради фактот што побарувачката ќе се зголемува, бидејќи во развојната програма на АД ЕСМ е зацртана изградба на гасна електрана во кругот на РЕК Битола, гасна електрана во Енергетика-Скопје, можна пренамена на ТЕЦ „Неготино“ од мазут на гас или изградба на целосно нова гасна електрана до постојната во Неготино

Трансформацијата на „Александрополис“ во нова енергетска влезна порта за цела Централна и Југоисточна Европа започна од вчера со деловното работење на Терминалот за течен природен гас „Александрополис“. Тој е еден од најважните енергетски проекти на европско, регионално, национално и локално ниво, дизајниран, изграден, во сопственост и управуван од „Гастрејд“, историски проект замислен пред 15 години од Димитрис Копелузос.

Остварен како резултат на извонредна соработка, со револуционерна замисла за своето време, проектот придонесува кон енергетската безбедност и кон диверзификација на изворите и рутите за снабдување со енергија на Југоисточна и Централна Европа, категорично надградувајќи ја улогата и важноста на Грција во современата енергетска карта на Европа, која станува енергетска влезна порта за повеќе од девет земји.

– Нашата визија е да му обезбедиме на пазарот проект кој ќе функционира на начин кој е по мерка на општеството во „Александрополис“, животната средина и нашите клиенти, нудејќи стабилна и сигурна опција за снабдување, до која пристап ќе има целиот наш регион. Сакаме да станеме инфраструктура што ќе биде „репер за извонредност“ – изјави генералниот директор на „Гастрејд“, Костис Сифнаиос. 

Oсновачкиот акционер на компанијата, Елмина Копелузу, истакна дека терминалот за течен природен гас „Александрополис“ е многу повеќе од деловен проект.

– Тоа е материјален доказ за можностите што ги имаме во Грција да создадеме европски инфраструктури кои ги решаваат проблемите на нашето време, нудејќи можности и перспективи за подобра и одржлива енергетска иднина – нагласи Копелузу.

Константинос Ксифарас, извршен директор на „ДЕПА Комерцијал“, нагласи дека се обезбедува енергетската безбедност и диверзификацијата на изворите на снабдување во Југоисточна Европа.

– Преку овој проект обезбедуваме пристап до посигурни и разновидни извори на енергија, генерирајќи нови економски можности за локалната заедница и ја зајакнуваме геополитичката положба на нашата нација. Оваа стратешка инфраструктура ќе донесе значителни предности и за Грција и за нејзините соседни земји – изјави Ксифарас.

Кирил Равначки, извршен директор на „Булгартрансгас“, ја потенцира сè позначајната улога на течниот гас за регионот и способноста на овој капацитет за складирање и регасификација на течен природен гас е од најголема важност за земјите од ЈИЕ, кои имаат за цел да го диверзифицираат снабдувањето и да се оддалечат од рускиот гас. Марија Рита Гали, извршен директор на ДЕСФА, додаде дека ова е клучен настан што ја зацврстува позицијата на Грција како клучна енергетска влезна порта за Југоисточна Европа и пошироко.

Терминалот за течен гас „Александрополис“ се состои, покрај Пловната единица (ФСРУ), и од подморски и копнен гасовод кој ја поврзува Пловната единица со Националниот систем за пренос на природен гас (ННГТС), преку кој ќе се испорачува природен гас до Грција, Бугарија, Романија, Македонија, Србија, Молдавија и Украина на исток, како и Унгарија и Словачка на запад.

Македонија беше поканета уште на стартот на овој голем проект, кој со 167 милиони евра е поддржан и од ЕУ, да биде содружник, односно акционер, а претходната влада ја започнаа и ја продолжија постапката до нејзино заокружување со потпишаните меморандуми и изразени намери за учество.

Проектот „Александрополис“ не е само гасниот терминал, и за количествата кои треба таму да се закупат, туку станува збор и за гасна централа како енергетски објект со капацитет од 800 мегавати.

АД ЕСМ закупи 10% од капацитетот. Капацитетот на гасниот терминал изнесува 5,5 милијарди нормални кубни метри од кои АД ЕСМ закупи 10%, односно 500 милиони нормални кубни метри гас од вкупниот капацитет на терминалот.

Годишната потрошувачка на гас кај нас изнесува приближно 400 нормални кубни метри, што говори дека државата со обезбедувањето на таа количина од гасниот терминал „Александрополи“ и со интерконекторот со Грција ќе обезбеди трајна и безбедна набавка на неруски гас, односно ќе се реши зависноста од гасот на руски Гаспром.

Ова е важно и заради фактот што побарувачката ќе се зголемува, ако се има во предвид дека во развојната програма на АД ЕСМ е зацртана изградба на гасна електрана во кругот на РЕК Битола, гасна електрана во Енергетика-Скопје, можна пренамена на ТЕЦ Неготино од мазут на гас или изградба на целосно нова гасна електрана до постојната во Неготино.

(С.Бл.)