Сите земји што немаат море, како што е нашата, да можат преку Обединетите нации да добијат статус на слободна зона на некое пристаниште. Оваа иницијатива не е нова, но уште еднаш ја предложи претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески пред странските претставници и домашните компании кои вчера учествуваа на панел-дискусијата на која беше претставена иницијативата „Три мориња, можностите за економската соработка меѓу нејзините членки и придонесот во нивниот економски развој“, со посебен осврт на инфраструктурата и вклучувањето на земјите од Западен Балкан и зајакнувањето на оската север-југ во источна Европа.
– Морињата се одредниците што ќе ги исцртаат новите линии што се од интерес во светот. Новиот интерес, според мене ќе се вика бизнис. Темата ќе биде доминантна во наредниот период, особено по изборите во Америка и на некој начин ќе ја позиционира нашата улога. Тезите кажани тука ќе бидат од круцијално значење за натамошното функционирање на меѓународниот поредок, иако има голем број непознаници – рече Азески.
Тој истакна дека на Балканот му треба да проработат моторните сили на пазарната економија наголемите држави, кои ќе влечат напред и ќе ги отворат пазарите за нашите производи.
– Без меѓународна поддршка нашите компании не можат да бидат конкурентни. Нас ни требаат пазарите на Романија, Грција, Бугарија, Србија, на Хрватска. Да не се лажеме, не можеме да го направиме развојот со малите земји. Сè она што ќе препознаеме како оваа иницијатива дека може да оди во таа насока, да се поттикне економскиот раст на силните локомотиви на развојот, Стопанската комора ќе го поддржи. Но, прво треба дома да си ја завршиме работата, како што е борбата со корупцијата и со сивата економија, брза гасификација на државата, отворање на нови пазари, заедничко регионално дејствување, заштита на интересите на бизнисот на и профитот, подигање на стандардот на граѓаните. Сите тие работи се невозможни без зголемено учество на извозот на државата што ќе доведе до поголема додадена вредност и што ќе биде базирана на зголемување на продуктивноста. И денес имаме добар извоз во земјите на ЕУ, тоа ги повредува високиот рејтинг на дел од нашите производи, но тоа треба да стане секојдневие и обврска за секоја домашна компанија – рече Азески.
Вишиот советник на претседателот на Фондацијата Херитиџ, Џејмс Карафано, посочи дека иницијативата „Трите мориња“ е уникатна можност за нас, бидејќи од црна дупка на Балканот треба да станеме светла точка.
– Северна Македонија е централна точка на иницијативата „Трите мориња“ зашто многу е важно поврзувањето на Јадранското Море со Црното Море. Иако немате излез на море можете да поврзете важни пристаништа зашто сте на средина, а поврзаноста носи можности за енергенси, нови ресурси, центри за иновација со што ќе се создадат можности за иден раст и ќе се помогнат бизнисите. Можеби сте мала земја, но според мене дури и најголемата и најсилна врата ја отвора мала брава, а во нашиот случај токму вие сте малата брава – рече Карафано и посочи дека не може да ја замисли иницијативата „Три мориња“, без регионов да биде нејзин суштествен дел.
Регионалниот директор за Европа на Меѓународниот републикански институт, Пол МекКарти посочи дека е важно вклучувањето на Западен Балкан во иницијативата „Три мориња“.
– Иницијативата не може да функционира само со пристапот на Словенија и Хрватска до Јадранското Море. Важноста на трансверзалите север-југ и исток-запад ќе налагаат масивни инвестиции, а економската соработка ќе биде клучна за да се поврзе целиот регион – истакна МекКарти.
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски рече дека е од исклучителна важност ЕУ и земјитечленки да прифатат дека проширувањето со земјите од Западен Балкан е приоритетно, стратешко и безбедносно прашање. Според него, геополитичката важност и регионалната стабилност, носат значајни директни и индиректни придобивки како за Западниот Балкан така и за нашата земја од економски, политички и безбедносен аспект.
– Ние сфаќаме дека економскиот успех е поврзан со стабилноста и растот на нашите соседи и на светот… Проширениот и продлабочен развој на инфраструктурните проекти како што се транспортните и енергетските коридори имаат примарна улога за целиот Западен Балкан. Затоа Владата е посветена на комплетирање на коридорите 8 и 10, кои се од клучно значење за нас, и поврзување со соседните земји бидејќи сме земја која нема излез на море – рече Димитровски.
(С.Бл.)