Високите цени во маркетите го крена на нозе цел Балкан. Се поставува прашањето ќе успеат ли потрошувачите да им одржат лекција на трговците за да престанат да се богатат на нивниот грб? Интересен е фактот што иницијативата за бојкот ги сплоти сите граѓани без разлика на која политичка партија припаѓаат. Освен граѓаните бојкотот го подржаа сите јавни личности, синдикатите и сите македонски политички партии. Сепак, не изостана дневното политичко поентирање од маката на граѓаните. За СДСМ, Владата и ВМРО-ДПМНЕ се директни виновници што трендот од регионот за бојкотирање на маркетите се пренесува и кај нас. Граѓаните на социјалните мрежи ги повикуваат надлежните да почнат со драконски казни да ги казнуваат трговците кои мислат само за личен профит на сметка на граѓаните. Економските експерти сметаат дека со еден ден бојкот нема да се реши проблемот, но граѓаните ќе покажат дека имаат моќ малку да ги затресат големите супермаркети.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека започнаа ригорозни контроли во маркети и во други трговски објекти кои ќе се преземаат со координација со министерот за економија и труд, претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата и директорот на Државниот пазарен инспекторат.
-Договоривме чекори кои ќе се случат. На прес-конференција од ваши колеги беа потенцирани два ланци маркета, кои можеби прават одредени изигрувања на законите и процедурите. Тие ќе подлежат на ригорозна контрола и во деновите што следуваат. Според информациите со кои располагаме, имаме отприлика околу 20.000 комитенти по ланец супермаркети и ќе треба длабоко да се навлезе за да видиме дали постојат вакви индиции. Но, истовремено и други трговски објекти ќе подлежат на ваков тип контроли зашто стандардот на граѓаните е наш приоритет и ние ќе сториме се како Влада за да го заштитиме, изјави Мицкоски.
Тој го поддржа најавениот бојкот од страна на маркетите најавен за в петок, нагласувајќи дека „од почеток зборува за поединци во овој бизнис кои шпекулативно сакаат да профитираат“.
-Поединечни трговци и трговски ланци се однесуваат неодговорно заработувајќи преку енормни цени на производи кои ги плаќаат граѓаните. Ова меѓу другото го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано, изјави премиерот Мицкоски.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека „дивеењето на маркетите мора да прекине“. ВМРО-ДПМНЕ очекува Владата да подготви сет на мерки како за контрола на растот на цените. Според партијата, како што тврдат, се богатат 5-6 сопственици на маркети преку нереални зголемувања на цените и злоупотреба на позицијата во општеството.
Од Левица побараа системски мерки од Владата во спротивно, како што соопштија, ќе покренат слична иницијатива или заедничка акција со синдикатите и граѓанските здруженија.
Од опозициската СДСМ ја повикуваа Владата итно да донесе мерки за заштита на граѓаните, бидејќи како што економската состојба е крајно алармантна.
„СДСМ со месеци апелираше и нудеше конкретни решенија за проблемот со цените. Наместо ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати веќе проверените мерки со кои СДСМ се бореше со ценовните шокови, тие решија да го остават проблемот и да го менаџираат со лажни кошнички. Резултатот го гледаме денес, осиромашени граѓани кои треба да избираат кој од основните производи да го купат“, велат од СДСМ.
Со сличен став е и ДУИ која обвини дека ароганцијата и неодговорноста на оваа власт ги натера граѓаните да ја преземат ситуацијата во свои раце.
Партијата на пензионери ги повикува сите пензионери ширум државата да ги бојкотираат маркетите во петок. Од Партијата побараа од Владата преземања на крајни и ефикасни мерки за конечно и долгорочно решавање на оваа константна пракса на трговците во земјата.
Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ, од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, смета дека со еден ден бојкот нема да се реши проблемот, но важно е што иницијативата ја поттикнаа граѓаните.
-Јас несомнено го подржувам бојкотот и затоа што луѓето самоиницијативно се организираа и сметам дека е редно време да се види кој е главен во државата и кај кој лежи силата. Но, исто така сметам дека не треба да се имаат илузии и да се очекува дека бојкотот ќе има некакви огромни ефекти. Луѓето пак на крајот на краиштата ќе мора да купуваат од некои трговци, било да се тоа големите супермаркети или некои мали дуќанчиња, и фирмите тоа го знаат, па затоа нема нешто многу да ги намалат цените. Но ќе биде добро ако бојкотот малку ги затресе фирмите, или, пак, поттикне малку конкуренција меѓу нив, и тие намалат некои цени поради ова, или барем престанат да ги креваат во иднина, изјави Јовановиќ за весникот ВЕЧЕР.
Тој вели дека во макроекономијата постои една законитост – дека цените се ригидни надолу, односно ретко се намалуваат и тоа, а потврдено во безброј случаи низ светот, вклучително и кај нас.
-Оние што ја паметат инфлацијата од 2008 година добро знаат дека по неа цените никогаш не се вратија на претходното ниво. Да не зборувам за инфлацијата од 1990-тите. Затоа, од макроекономска гледна точка, поефективна политика во ваквите случаи е да се покачуваат платите. Кога веќе не можете многу да ги намалите цените, зголемете ги примањата, и така заштитете ја куповната моќ. Тоа е и релативно лесно остварливо, Владата треба да ја покачи минималната плата и платите во јавниот сектор, што ќе направи притисок врз сите плати. И сите вработени треба да побараат повисоки плати од нивните работодавачи и да се заканат со штрајкови ако не дојде до тоа. Оваа позитивна енергија што се створи со бојкотот, сега треба да оди во тој правец, додава Јовановиќ.
Ова го бараат и од Сојузот на синдикати на Македонија, од каде што велат дека граѓаните со овие плати и цените секојдневно треба да бидат на улица и дека еден ден бојкот е мала казна за високите цени на маркетите.
-Нашиот став е дека работниците постојано треба да бидат на улица, имајќи ги предвид високите цени, наспроти ниските плати. Со еден ден бојкот нема да се постигне посакуваниот ефект. Ние планираме поригорозни мерки кои ќе ги соопштиме во наредниот период – во февруари, изјави за весникот ВЕЧЕР, Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.
Поддршка на бојкотот дадоа и од Организацијата на потрошувачи на Македонија, но и од таму сметаат дека со еден ден бојкот трговците нема да ја научат лекцијата, односно нема да се откажат од високите профити. Но, добро е што купувачите ќе докажат дека имаат моќ. Сепак, сметаат дека ако не интервенира Владата, трговците ќе продолжат да си тераат по свое.
Од ОПМ апелираат до граѓаните пред бојкотот во четврток да не купуваат непотребни работи и да трупаат резерви, бидејќи прометот ќе им биде ист и ништо не сме направиле.
(А.С.)