Македонската ракометна репрезентација ја забележа втората победа во петтиот меч на Светското првенство во Вараждин, откако со брза игра го прегази тимот на Катар со 39:34 за продолжување на теоријата за пласман во четврт-финалето, но и за речиси обезбедено четврто место во групата кое на крајот носи пласман помеѓу 13. и 16. место на глобалниот собир.

Филип Кузмановски заедно со Жарко Пешевски беа најефикасни со шест голови, зад него беа Марко Митев и Ненад Костески со по пет погодоци, додека одличен беше и Милан Лазаровски со четири гола. За одбележување се и трите гола на Никола Маркоски, кој најчесто игра во одбрана и ретко кога се наоѓа во ситуација да ја затресе противничката мрежа.

Македонија сега има четири бодови и е изедначена на втората позиција на табелата со Холандија, а пред Унгарија и Австрија со три бода и секако Катар, кој е без бодови. Овој изглед на табелата, сепак, ќе претрпи промени на крајот од денет со оглед што противниците треба допрва да ги одиграат своите мечеви и тоа Унгарија против Австрија (20.30 часот) односно Холандија против Франција (18 часот).

Токму француската селекција е последниот ривал на избраниците на Кирил Лазаров во втората фаза во Вараждин и тоа во меч закажан за в сабота (20.30 часот).

ФОТО: П.Стојановски

ИЗДВОЕНИ