Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска очекува да се сретне со американските колеги за време на нејзниот престој на редовните пролетни средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон идната недела на кои ќе стане збор и за царините. Таа уште еднаш напомена дека земјава нема некој голем негативен ефект од ваквата одлука на САД, туку повеќе е индиректно засегната, преку размената со ЕУ. Според неа, земјава може актуелната ситуација да ја гледа како шанса и да почне директно да извезува во САД.
– Кај нас, проблемите се јавуваат како резултат на размената што ја имаме со ЕУ, а ЕУ со САД. Значи, во тој дел треба да следиме што ќе се случува во ЕУ. Десет отсто царинска тарифа е нешто што може да го прифатат и граѓаните на САД, но и во синџирот или поврзаноста секој по малку да преземе од тој трошок. Оваа состојба е сега веќе комплетно поразлична и очекувам дека ќе има надминување и на овие 10 отсто, можеби ќе стигнеме и ние да искористиме како држава, зашто јас ова го гледам и како шанса за нас. Очекувам дека ќе ја искористиме во наша полза, па што и да не почнеме директно да извезуваме во САД – подвлече министерката на одбележувањето на Денот на Царинската управа.
Директорот на Царината, Бобан Николовски истакна дека наплатени 13,6 милиони евра повеќе годинава од лани, а изречени се кривични пријави за 5 месеци колку за три години. Минатата година се собрани приходи во висина од 125 милијарди денари, што претставува зголемување од речиси седум и пол милијарди денари во споредба со 2023 година.
– Оваа тенденција на зголемена наплата на приходи продолжи и во тековната година, при што во првиот квартал е реализирана наплата од скоро 30 милијарди денари, односно речиси 480 милиони евра, што е за 13,6 милиони евра повеќе од истиот период лани – рече Николовски.
Во последните пет месеци, заклучно до седми април, поднесени се 102 кривични пријави до ОЈО и ОЈО ГОКК против 58 правни и 184 физички лица од кои 13 царински службеници.