Македонската кошаркарска репрезентација ги продолжува квалификациите за пласман на Европското првенство што ќе се игра наредната година. Избраниците на селекторот Александар Јончевски, денеска (18 часот), во СРЦ „Кале“ ја пречекуваат селекцијата на Литванија, меч во кој нашата селекција ќе биде значително ослабена поради отсуството на двајцата најдобри поединци, Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс, кои поради евролигашки обврски не добија „зелено светло“ за настап за нашата селекција. Со оглед на тоа што нашата селекција за кус период од само неколку дена ќе одигра два меча со оваа селекција, Димитријевиќ најверојатно ќе биде подготвен за мечот во Литванија, но за тоа – потоа.
- Ова се најважните два натпревара во овој квалификациски циклус. Ситуацијата е таква што мораме да победиме на барем еден меч за да ги задржиме шансите за пласман на Европското првенство. Литванија е фаворит, јасно е дека се работи за една од најквалитетните европски репрезентации. Верувам дека мечот во Скопје ќе биде показател дали сме подготвени за Европското првенство, истакна селекторот Александар Јончевски.
Извесно е дека и во овој квалификациски ФИБА „прозорец“, предводникот на нашата репрезентација не може да смета на еден комплетен ростер, со кој евентуално ќе бевме уште поконкуретни против европски велесили каква што несомнено е Литванија.
- Во моментов не можеме да се пофалиме со настапите на нашите репрезентативци, а во Скопје нема да играат Хап, Шортс и Димитријевиќ. Располагаме со кошаркари кои настапуваат во домашното првенство и во регионалната АБА2, но и таму не забележаа поголем успех оваа сезона. Ќе се обидеме да ги изненадиме Литванците на тактички план и верувам дека ќе успееме на овие два меча да забележиме барем една победа. Притисокот е на страната на Литванците бидејќи и тие непланирано загубија еден натпревар, од Естонија. Поради тоа, картите им се отворени и ќе одат со сите сили да победат на двата меча против нас, затоа што не се сеќавам дека Литванија не била присутна на некое од последните Европски првенства, додаде Јончевски.